До крајот на мај ќе нема фудбал во Шпанија

Претседателот на шпанска Примера, Хавиер Тебас ја отфрли можноста за продолжување на сезоната пред крајот на мај.

Шпанското фудбалско првенство е суспендирано на неодредено време, а земјата е во вонредна состојба поради пандемијата на коронавирус, мерка што ќе остане на сила најмалку до 26 април.

Но, Тебас не исклучи можност за одигрување на мечевите без присуство на публика, додека играње пред намален капацитет на стадионите може да почне да се применува во примерен момент и по совет на здравствените власти.

Примера поради тоа ќе загуби значителен фонд средства што во најоптимистичкото сценарио се однесуваат на 150 милиони евра. Но, она од што најмногу се плашат во шпанскиот фудбал е „минусот“ да не достигне една милијарда евра, епилог што е можен ако сезоната воопшто не продолжи.