До крајот на годината ќе се отворат 14 нови градинки

Владата на предлог на Министерството за труд и социјална политика го усови акцискиот план со кој е предвидено до крајот на годината, низ целата држава да бидат отворени 14 нови градинки.

„Во рамките на овие 14 градинки кои треба да бидат отворени до 2014 постојат три групи на објекти. Првата група се новоизградени и во нив ќе се одвива дејноста детска градинка. Втората категорија претставува значително проширување на капацитетите на веќепостоечките градинки со цел да се добие поголем простор и да се згрижат поголем број на дечиња.Третата група која е најголема по број претставува отворање на градинки во веќе постоечки образовни капацитети. Тие ќе бидат реновирани,адаптирани и опремени за да можат да ја вршат дејноста,“ изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.

Овие 14 градинки ќе бидат отворени во 13 општини, а значајно е што се опфатени и места каде што воопшто немало вакви објекти.

Во најголем дел, Владата го врши финансирањето (околу еден милион евра) , но дел од градинките се финансираат и заедно со општините.

Дел од нив се во завршна фаза и се очекува нивно отворање во август и септември. Со новите градинки ќе бидат опфатени 750 деца.

Согласно програмата на Владата, предвидено е на годишно ниво да се отворат по најмалку 10 нови градинки.