До крајот на неделава договор за СЈО?

Најдоцна до недела ВМРО ДПМНЕ треба да ги достави новите предлози за законот за јавно обвинителство до работната група на СДСМ. Опозициската партија го подготвува новиот предлог материјали по договор меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средбата којашто се одржа во понеделникот вечерта во Владата.

Од преговарачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ велат дека во моментов се уште траат внатрепартиски консултации во однос на предлог. Откако ќе се утврди финалната верзија, велат од тимот којшто ги застапува позициите на опозицијата, предлогот ќе биде доставен до работниот тим на СДСМ.

Потпретседателот на партија, Александар Николоски вели дека предлогот се подготвува согласно принципите изнесени во досегашниот тек на разговорите. Смета, дека доколку постои политичка волја можно е овие разговорите да резултираат со договор за законот.

„Има обид да се усогласат ставовите, ние имаме наши принципи, кои што декларативно Министерството за правда ги прифаќа, но тоа декларативно треба да се преточи на хартија. Ако има добра волја од двете страни ќе има договор ако се оди на комплетна едностраност и исклучивост нема да има договор“, вели Николоски прашан до каде е процесот за законот со којшто треба да се уреди идната работа на Специјалното јавно обвинителство.

Разговорите околу законот за јавно обвинителство „запнаа“ околу спротивставените позиции на власта и опозицијата во однос на користењето на прислушуваните материјали и судбината на истрагите отворени по истекот на законскиот рок за нови истраги од страна на СЈО. Опозицијата смета дека „бомбите“ повеќе не може да се користат за отворање истраги и во судските постапки бидејќи тоа е спротивно на членот 12 од Законот за кривична постапка. Власта предлага прислушуваните телефонски разговори да се користат како индиции за отворање нови истраги.

Во однос на истрагите отворени по 30-ти јуни 2017 година опозицијата смета дека треба да се почитува Законот за СЈО којшто предвидува дека оваа институција ќе има рок од 18 месеци да ги прегледа прислушуваните разговори и да отвори истраги и да покрене обвиненија. Спортивно на ова, обвинителите од СЈО отворија неколку истраги и по истекот на овој рок.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.