До Нова година амнестија за 27-ми април!?

Обвинетите за собраниските настани од 27-ми април, барем дел од нив, би можеле да ја дочекаат новата година како слободни луѓе. Предлог законското решение кое што го подготвува собраниското Координативно тело за помирување  треба да биде готово до средината на декември, вели пратеничката Емилија Александрова, член на ова координативно тело и една од осумте опозициски пратеници кои гласаа за уставните измени.

Александрова најавува средба на координативното тело до крајот на оваа недела. Според пратеничката, законското решение треба да обезбеди начин како да се исполнат барањата на пратениците без да се наштети на правниот процес и да не се наруши принципот на владеење на правото.

Ќе биде и настаните од 27-ми април тоа ќе треба да биде адресирано во едно пакет решение кое ќе ги опфаќа и уставните измени и процесот на помирување и законските реформи, вели пратеничката Александрова.

За ВМРО ДПМНЕ се уште останува неприфатливо учество во ова координативно тело. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски вели дека за предлогот што се подготвува не може да се очекува поддршка од пратениците на ВМРО ДПМНЕ ако истиот дава само селективна правда.

Она што можеме да го видиме и од изјавите на премиерот во гостување на една телевизија викендов видовме дека тоа тело за помирување може повеќе да заличи на тело за порамнување. Од таа причина ние нема да учествуваме во истото. Будно ќе следиме што ќе се донесе и доколку навистина имаат за цел да направат и да донесат одредени заклучоци кои се исти или слични со оние од законот што го поднесоа пратениците на ВМРО ДПМНЕ а се донесува за целосно ослободување на сите затворени, прекинување на затворските казни и ослободување на сите притворени за случувањата од 27-ми април можеме да разговараме и да поддржиме одредени активности. Но, повторно ќе кажам надвор од ова координативно тело

Законот за амнестија којшто го подготви ВМРО ДПМНЕ треба да се најде на собраниска седница на 26-ти декември.

Инаку, и пратеникот на СДСМ Хари Локвенец ги потврдува информациите кои што може да се изведат и од петочното интервју за премиерот Зоран Заев. Според кажаното од Заев, можеше да се заклучи дека амнестија најверојатно ќе има за пратениците кои се обвинети за 27-ми април како и за предводниците на протестите „За заедничка Македонија“.

Сметам дека во јавноста е неподелено мислење за разликите во одговорноста поврзано со организирањето на тој настан извршувањето на насилство, командната одговорност поврзано со истиот настан и заведените граѓани кои не извршиле насилство на тој кобен 27-ми април. Убеден сум дека сето ова ќе биде содржано во извештајот или предлогот којшто ќе го даде координативното тело, вели пратеникот Локвенец.

Од интервјуто на Заев од петокот можеше да се заклучи дека законот најверојатно ќе значи ослободување за пратениците кои се под обвинение Крсто Муковски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски како и предводниците на протестите Богдан Илиевски, Игор Дурловски, Владо Јовановски и Борис Дамовски.

Сите што не учествувале во насилството и не биле дел од организаторите внатре, јас немам проблем преку нив да го направиме помирувањето и помилувањето. Тоа може да биде закон за амнестија, донесување на одлука на Парламентот во рамки на своите надлежности. Знам дека не сум подготвен да разговарам ништо за учесниците во насилството, затоа што не сакам да оставам можност да се повтори нешто, рече Заев во емисијата „360 степени“ на Алсат М телевизија.

Иако, Заев го смени ставот за амнестија по гласањето за уставните измени при кое осум пратеници од ВМРО ДПМНЕ и коалиција го обезбедија потребното мнозинство сепак премиерот ги отфрла оценките дека ослободувањето на дел од обвинетите е политички пазар којшто го подрива правниот систем и владеењето на правото.