До ОЈО Битола поднесени кривични пријави за шест лица за фалсифување и даночно затајување во износ од 316.000 евра

Управата за финансиска полиција, како резултат на повеќемесечна предистражна постапка до ОЈО Битола поднесе кривична пријава против 5 физички и едно правно лице, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Даночно затајување по член 279 став 2, Фалсификување или уништување деловни книги по член 280 став 1 и 2, Намерно предизвикување стечај по член 254 став 1, Оштетување или повластување на доверители по член 257 став 2, Помагање по член 24, Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 4, Злоупотреба на постапка за стечај по член 256 став 1 и 2 и Даночна измама по член 279-а став 4 в.в став 1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, со што е предизвикана штета на Буџетот во вкупен износ од 19.447.640 денари (околу 316.00 евра).

Како што соопштија од таму, првопријавениот, во својство на сопственик и управител на едно правно лице сега избришано по пат на стечај, како и сопственик на шестопријавеното правно лице, свесно и со намера да се стекне со противправна имотна корист и да ги избегне даночните обврски и обврските кон доверителите извршил продавање на имотот и отуѓување со несразмерно ниска вредност и намерно предизвикал стечај на првото правно лице.

Помогнат од второпријавената, во својство на вработена во правните лица, третопријавениот во својство на правен застапник – адвокат, четвртопријавениот во својство на привремен стечаен управник и петтопријавениот во својство на Нотар, на начин што, признал невистинито пријавено побарување од третопријавениот адвокатот врз основа на кое отпочната е претходна постапка за стечај во која не ја прикажал фактичката состојба за имотот на друштвото. Иако согласно Решение од Основен Суд Битола постоела забрана за управување со имотот на друштвото и немал својство на овластено лице во правното лице и не смеел да управува со имотот. Врз основа на фактури, цесии и договори за купопродажба изготвени од страна на второпријавената, првопријавениот го отуѓил имотот на друштвото на свое лично име и на име на шестопријавеното правно лице преку кое продолжил да ја извршува истата дејност.

Второпријавената, во својство на вработена во правните лица во сопственост и управувани од страна на првопријавениот, му помогнала на првопријавениот на начин што изготвила повеќе фактури со кои извршен е пренос на сопственоста на имотот, од име на правното лице сега избришано по пат на стечај на име на шестопријавеното правно лице без при тоа да се изврши плаќање на фактурите и од каде продолжиле активно да работат. Изготвила цесија и фактура со невистинита содржина за пренос на побарување кое реално не постоело и овозможила парични средства да се префрлат неосновано на банкарската сметка на шестопријавеното правно лице.

Третопријавениот, ги пречекорил границите на своите службени овластувања и во својство на правен застапник на правното лице сега избришано по пат на стечај, изготвил фактура со невистинита содржина за извршени адвокатски услуги, пријавил лажно побарување и му ја ставил на располагање на првопријавениот кој истата ја искористил за да отвори стечај над правното лице и го искористил правото на доверителот да предложи и побара четвртопријавениот да биде назначен за стечаен управник.
Четвртопријавениот во својство на привремен стечаен управник и постапил спротивно на Закон за стечај и не ја ажурирал сметководствената евиденција, не направил попис на имотот на должникот иако правното лице во моментот на отворање на стечај поседувало имот и му овозможил на првопријавениот заедно со второпријавената да извршат продавање на имотот и отуѓување со несразмерно ниска вредност и на одржаната усна расправа пред Основениот суд во Битола предложил стечајната постапка да се отвори но да не се спроведува со што оневозможил доверителите да ги пријават своите побарувања кон должникот.
Петтопријавениот во својство на Нотар, постапил спротивно на Закон за нотаријатот и составил нотарска исправа, солемнизација на договор за купупродажба на недвижен имот, без да го утврди идентитетот на правното лице сега избришано по пат на стечај и овозможил првопријавениот да склучи договор за купопродажба, иако на денот на солемнизација над правното лице веќе била отворена стечајна постапка и бил назначен стечаен управник, кој единствено бил овластен да ја изврши продажбата на имотот и да управува со стечајната маса, соопштија од Финансиската полиција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.