До оние  што се плашат да излезат на гласање: Ако се плашеше Никола Карев немаше да ја имаме Крушевската република!

Не плашете се – излезете на гласање и гласајте!

Ако се плашеше Никола Карев, немаше да ја имаме Крушевската република!

Ако се плашеше Питу Гули, Мечкин камен ќе беше обичен рид а не свето место на македонската историја!

Ако се плашеше Даме Груев немаше да му напише писмо на големиот везир Хилми паша, генерален инспектор на Македонија, во кое отворено му кажува дека дал наредба во цела Македонија на никој начин да не го слушаат и да не му веруваат, а кој ќе го послуша ќе плати со живот: „ Не е далеку часот кога над облеаната со крв Македонија ќе засвети сонцето на слободата!“

Ако се плашеше Гоце Делчев ќе останеше да биде даскал во Штип или ќе ја преземеше кафеаната на татко му Никола, и ќе уживаше во личната среќа без да води сметка  за слободата да македонскиот народ и без да се прашува дали има понесреќен  народ од македонскиот: „ Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот!”

Ако се плашеше Јане Сандански немаше да каже „ние се бориме Македонија да стане автономна, независна, слободна држава, Македонија на Македонците!” или „да живееш значи да се бориш; робот  – за слобода, а слободниот за совршенство!“.

Ако е така, а така е, денес нашата борба е нашиот глас.

А за гласање не треба пушка – само маска!

Ако се плашеа Кузман Јосифоски –Питу, Страшо Пинџур, Мирче Ацев,  Методија Шаторов-Шарло, Бане Андреев, Борка Талески, Михајло Апостолски и другите, немаше да има антифашистичко востание во Македонија! Можеа да речат дека им е страв и да си седат дома а Македонија да  остане Вардарска бановина!

Ако се плашеле Мирка Гинова,  по ужасното мачење, тепање  со дрвени колци, кундаци и метална жица, со шајки под ноктите, со струја што ѝ ја пуштале низ телото, жива закопана до висина на вратот, додека жандармите пукале над нејзината глава, пред лажниот суд на грчките фашисти немала да изјави: „ Се борев против Германците … и сега сум горда дека умирам, бидејќи се борев против новите окупатори.”

Ако се плашеше Панко Брашнаров немаше на отворањето на Првото заседание на АСНОМ да каже „душата ми е преполна со радост и пред премрежените очи гледам  како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата дражава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава“.

Ако се плашеше Методија Андонов- Ченто, првиот претседател на Македонија,  немаше да каже дека за него  е „важно обединувањето на цела Македонија и националните права на Македонците“ , и немаше на  тогаш семоќниот Колишевски во Идризово, стамено и гласно, како маж да му каже „ме осудивте на 10 години. Што барате сега? Милост не сакам! Сте ме осудиле на 10 години – 10 години ќе одлежам! Не ми треба помилување! Ќе одлежам до ден колку што ме осудивте!“

Ако се плашеа пратениците на првиот парламентарен состав на македонското Собрание , немаше да изгласаат декларација за независност и да организираат референдум за потврдување на сувереноста, независноста и самостојноста на Македонија и македонскиот народ! Ќе си седеа дома, во глувчева дупка, и ќе оставеа овој дел на Македонија, заедно со оние што велеа „самостојност само без мене“, да се приклучи кон Србославија на Слободан Милошевиќ!

Ако се плашиме да излеземе на изборите во среда ќе оставиме докрај да се уништи она што со крв низ вековите како народ, и макотрпно како држава е градено полни 75 години! Можеме да седиме дома, да ѕиркаме низ клучалката  а потоа да се тешиме со тоа дека  не сме учествувале директно во одлуката оние што ја разнебитија Македонија да добијат уште четири години за да го предадат и Гоце Делчев, и македонскиот јазик, и македонската црква, а македонската држава, со помош на подизведувачот за федерализација, физички да ја поделат,  да не постои како држава на македонскиот народ!

И самите велат дека можат повеќе!

Што повеќе?

Проверете навистина што е тоа повеќе!

Повеќе од тоа што нема Македонци е воопшто да не се спомнуваме ниту како придавка! Повеќе е место три цртки за национална припадност да ги нема ниту цртките! Повеќе е по бришењето на сите македонски национални институции во културата да ги нема и Македонскиот народен театар и Македонската радио-телевизија! Повеќе е наместо „јазик според уставот“  да  биде „западнобугарски дијалект на северџаните“. Повеќе е наместо македонска книжевност, македонски фолклор,македонска историја да има историја на македонските Бугари..! Повеќе е Гоце Делчев како македонски национален херој, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење да стане национален херој на Бугарија  и „новосвободените предели“.  Повеќе е да не смее да се спомне ништо што потсетува на Македонија, па дури ни кодот  „МК или „МКД“! Можат повеќе овие што „не им личи да бидат партиоти“! Можат да завршат со Македонија засекогаш! Докажаа дека можат! Храбро, се разбира. Ако предавството е храброст.  Ама предавството не е храброст! Предавството е подлост!

Ако се плашиме да излеземе на гласање, а тоа го посакуваат  мршојадците што чекаат Македонија  да стане леш скриен во подрумот на Европа, веќе следниот ден стравот може да го замениме со непостоење, зашто да се плашиш вечно е како да не постоиш воопшто!

Ако не излеземе на гласање НИЕ, ќе добијат ТИЕ, оние што можат во наше име да нѐ поништат засекогаш како луѓе, како народ, како Македонци!

И не фрлајте го вашиот глас во ветар за оние што немаат шанса да добијат  ниту претставник во Куќен совет а не пак во Парламент!

Затоа,  имајќи го предвид манифестот на Крушевската република, треба да „дигнеме глава“ и со нашиот глас да се „одбраниме од душманите и да добиеме слобода…“

Можеме да ставиме крај на понижувањата!

Можеме да се исправиме!

Можеме да ги сопреме!

МОЖЕМЕ да им кажеме  – НЕ МОЖЕ!

 Блаже Миневски

Блаже Миневски е автор на романите „Јас, Тито и Мики Маус“,  „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“, „Нишан“ „Свирци“, „Црна лисица“, „Мемоарите на една млечка“, „Љубовникот на Ленин“ и „Мрежата на Мамли“. За романот „Нишан“ ја доби наградата „Стале Попов“, „Роман на годината“ и наградата на Град Скопје – „13-ти Ноември“, а беше во конкуренција за Европската награда „Ангелус и за  International DUBLIN Literary Award како прв роман од македонски автор. Романот „Свирци“ ја доби наградата „Прозни мајстори“ на фондацијата Македонија презент. Миневски ја има добиено и наградата „Најчитан автор“, признание што го доделува НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје за најголем број позајмувања на негови книги во библиотеките во Македонија во 2016 година.

Освен романи Миневски има објавено и неколку книги раскази, меѓу кои се и „Пристапната беседа на академик Сисое“, „Во рогот на волот“ и „Сезона на глуварките“, за која го доби престижното „Рациново признание“.

Романите „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ и „Мемоарите на една млечка“ се преведени и објавени на бугарски јазик во Софија. Романот „Јас, Тито и Мики Маус“ е преведен и објавен на српски јазик во Белград. Романот „Нишан“ е преведен и објавен на англиски, бугарски, италијански, српски, ерменски, словенечки,  кинески, арапски и полски јазик.

Блаже Миневски е застапен  во сите антологии на македонската кратка проза објавени последните три децении, а негови раскази се преведени на дваесетина странски јазици.