До пратениците од „Гласен текстилец“: Помислете на работниците, тие ви обезбедија високи плати, здравствено осигурување и повеќе од пристојни услови за работа

Здружението „Гласен текстилец“ во отворено писмо до пратениците во Собранието бара итно донесување на законите од петтиот пакет на економски мерки. Во писмото Тие бараат пратениците да не ги остават вработените во ниско-профитабилните и трудоинтензивни гранки без плати, социјално и здравствено осигурување, без платено боледување.

Овие работници, велат од Здружението,  се соочија со незаконски откази, со прекинати договори за работа, бес плати или нејзино доцнење со намалена плата.

„Голем дел од фирмите особено во текстилната индустрија, немаат сѐ уште исплатено плати за февруари и март 2021 година на работниците и работничките, така што тие се оставени на милост и на немилост. Поради неисплата на плати и лошата состојба на фирмите, работниците при користење на здравствени услуги се принудени да плаќаат на приватно. Свесни сте дека тоа значи изложување на огромни парични издатоци и е сериозен проблем за нормално живеење“, се вели во писмото на „Гласен текстилец“ .

Здружението бара за време на привремена спреченост од работа (боледување) поради ковид-19, на вработените во јавниот и во приватниот сектор да им биде исплаќан надоместок на плата во целосен износ, односно 100 отсто.

„Потребата од ваквото барање произлезе поради тоа што граѓаните се соочени со егзистенцијални проблеми, посебно оние од приватниот сектор поради лекувањето и лекарствата чии цени се значително зголемени, а приходите на работниците и надоместокот од 70 отсто за време на боледување не се доволни за тие да ги подмират трошоците за лекување на болеста“, се вели во писмото.

Според Здружението пратениците не смеат да ги остават работниците без платено здравствено осигурување.

„ Благодарение на нив, вие имате редовна, висока плата, право на платено здравствено осигурување и повеќе од пристојни услови за работа. Не се соочивте со доцнење на плати, со незаконски откази и намалена плата. Не ве замолуваме, туку бараме од вас како пратеници, народни избраници, да престанат овие политички препукувања во ова Собрание кое се нарекува народен дом, и да го ставите интересот на народот пред секоја политичка цел, бидејќи работниците и работничките очекуваат од вас да го изгласате овој сет на мерки, зашто е неопходен за нормално функционирање на секоја човечка индивидуа“, пишуваат од „Гласен текстилец“.

Тие од пратениците бараат донесувања и измени на закони кои ќе овозможат редовна исплата на плата, следење на злоупотребите од страна на одредени работодавачи преку првите четири сета на мерки, помош за оние кои останале без работа, 100 отсто платено боледување поради ковид-19 и право на здравствено осигурување на секој еден граѓанин.

„Она што е недозволиво е да се продолжи со неконструктивни препукувања и во последно време, националистички реторики, бидејќи и Македонци, и Албанци, и Бошњаци, и Турци и Роми , се ставени во незавидна положба, бизнисите пропаѓаат а граѓаните се соочуваат со егзистенцијални проблеми. Тоа е најмалку што можете да направите за вашата држава и вашиот народ, бидејќи тој народ, граѓаните, ви ја дале поддршката да ги браните нивните интереси. Тоа и само тоа е вашата улога во ова Собрание“, се вели во писмото на „Гласен текстилец“ до македонските пратеници.