До сега ниту една тужба од партиите до Управен суд

До сега не е пристигната ниту една тужба од партиите до Управниот суд, откако Државната изборна комисија не им прифати ниту еден од поднесените 2.142 приговори за евентуални нерегуларности при резултатите од предвремените парламентарни избори. Тужби засега најавија ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, Левица и Интегра.

За политичките партии започнат е 24-часовниот рок за поднесување на тужби, по што тој има 60 часа за да одлучува дали истите ќе ги прифати. Претседателот на Управен суд Бурим Сејдини ова веќе го потврди и напомена дека рокот истекува денеска како и дека очекува поголем број на тужби со оглед на претходната бројка на неприфатени приговори.

-За првпат Управниот суд, како што се најавите, ќе се соочи со оваа бројка на тужби. Моментално сите стручни соработници, сите судии се на располагање, правиме соодветни симулации како да се обезбеди тоа да навремено одлучиме во рокот од 60 часа по приемот на тужбите, рече Сејдини синоќа во емисијата „Топ Тема“ на Телма.

По завршувањето на фазата преку Уставниот суд, резултатите стануваат официјални а потоа се очекува да се интензивираат преговорите помеѓу политичките партии со цел составување на нова Влада.

Крајниот рок за одржување на конститутивната седница на Собранието е 4 август.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.