Добивката на Дајнерс клуб Македонија нагло расте кога СДСМ бил на власт

Дајнерс клуб Македонија, фирмата со која директорува сопругот на потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска во моментов не е  во добра финансиска концијата, што не било случај во минатото кога компанијата работела со милионски приход и добивка, пишува Денешен.

Додека Радмила Шекеринска се’ уште е без одговор на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ како е возможно сама да издава сопствен стан за да живее во него и да наплаќа енормно голема кирија од цели 5.317 евра месечно, во јавноста излегуваат нови информации поврзани со фирмата на нејзиниот сопруг Божидар Јанковски, која всушност и ја плаќа киријата за станот.

Денешен дојде до информации за приходот на Дајнерс Клуб Македонија во периодот од 2002 до 2006 година. Симптоматично е тоа што приходите на компанијата почнуваат нагло да растат откако СДСМ ја презема власта, а Радмила Шекеринска станува прв човек на Секретаријатот за европски прашања.

Имено, приходот на Дајнерс клуб Македонија во 2002 година изнесувал “скромни“ 66 милиони денари и компанијата остварила добивка од 2 милиони денари, покажуваат информациите до кои дојдовме.

„Откако СДСМ ја презема власта, приходот на компанијата речиси двојно се зголемува во периодот од 2003 до 2006 година. Па така, во 2003 година Дајнерс клуб Македонија остварува приход од 105 милиони денари и добивка од цели 15 милиони денари, што е речиси за седум пати повеќе од добивката остварена година претходно“, пишува Денешен.

Приходот на компанијата продолжува да расте и следната, 2004 година, кога се остварени 112 милиони денари и 10 милиони денари добивка. Во 2005 година остварениот приход изнесувал 113 милиони денари, додека добивката 9,5 милиони денари.

Во 2006 година, Дајнерс клуб Македонија има приход од 118 милиони денари и добивка од 3,1 милион денари.

Токму сопругата на првиот човек на Дајнерс клуб Македонија, Радмила Шекеринска во овој период беше прв човек на владиниот Секретаријат за европски прашања. ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година приложувајќи документи од 2004 година обвини дека Радмила Шекеринска тогаш  како потпретседател на владата на СДСМ и одговорна за секторот за евроинтеграции, за раководител на секторот за општи работи и буџет ја има поставено Лира Секуловска, сестра на првиот човек на Дајнерс клуб Македонија, односно нејзина золва.

„Золвата на Шекеринска е одговорна за целокупното финансиско работење на секретаријатот за европски прашања во периодот додека Радмила Шекеринска е министер на СДСМ задолжена за овој ресор. Тука се работи и за сомнеж за финансиски малверзации“, објавија тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.

Симптоматично е тоа што приходот и особено добивката на Дајнерс клуб Македонија почнува да расте во периодот кога Шекеринска е одговорна во СЕП, додека сестрата на Божидар Јанковски е одговорна за целокупното финансиско работење на ова тело.

Исто така, се шпекулира и дека зголемениот приход на компанијата во овој период се должи на наводниот притисок вработените во СЕП да ги користат услугите на Дајнерс Клуб македонија, а не е исклучено дека истото не било пракса и во останатите државни институции.

Сегашната финансиска ситуација Дајнерс Клуб Македонија не е сјајна, тоа го потврдуваат информациите дека фирмата затвора експозитури во Скопје. И додека компанијата се соочува со проблеми, Јанковски и Шекеринска ја цедат по пет илјади евра месечно за кирија за станот во кој самите живеат, случај за кој потпретседателката на СДСМ се уште нема логичен одговор.