„Добредојдовте во пеколот“ им порачуваат илјадниците демонстранти на челниците на Г20

154
© AP Photo / Michael Probst

Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во четвртокот во Хамбург, каде него и другите светски челници ги дочекува пораката „Добредојдовте во пеколот“ на антикапиталистичките демонстранти кои ветуваат дека ќе го попречат одржувањето на самитот на Г20 кој се одржува во атмосфера на големи тензии и поради разликите во ставовите околу трговијата и климатските промени, а полицијата веќе примени сила врз повеќето од 10.000 демонстранти во четвртокот.

Илјадници демонстранти пристигнуваат од цела Европа во северниот пристанишен германски града за да им се придружат најавените големи протести, а веќе и има најави и за спорадични судири со полицијата. Властите очекуваа околу 100.000 демонстранти, меѓу коишто, според безбедносните служби, ќе има 8.000 насилни.

Како што соопштија во четвртокот од хамбуршката полиција, протестите ги започнале околу 12.000 луѓе, меѓу кои антоглобалисти, анархисти, поддржувачи на левите идеологии обични жители на Хамбург. Силите за воспоставување на редот биле принудени да применат сила против најрадикалните активисти.

„За жал, започнаа првите безредија. Ние користиме соодветни противмерки“, соопшти хамбуршката полиција.

Според првичните извештаи на медиумите, кон полицијата летале шишиња и камења, а меѓу повредените е и портпаролот на локалните сили на редот. На местото на судирот полицијата започна да ги приведува радикалните демонстранти. Полициските сили во областа на локалниот рибен пазар се обидуваат да ги одвојат претставниците на ткн „Црн блок“ од другите демонстранти.

Полицијата употребува водени топови и солзавец. Одделни групи демонстранти се организираат седечки протести. Полицијата ги гаѓа со најмалку три водени топови. Повредени лица лежат на улиците, некои од нив, според телевизиските снимки можеби и во несвест.
Тоа претставува предизвик за одговорните за безбедност на самитот на 20-те најголемите светски економии на 7 и 8 јули на кој домаќин германската канцеларка Ангела Меркел.

На маргините од самитот Меркел ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и со американскиот Доналд Трамп кој претходно во Полска повторно ги повика партнерите во НАТО да трошат повеќе за одбраната и најави дека ќе се спротистави на заканата на Северна Кореја.

Трамп, исто така, првпат ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Трамп во пресрет на средбата изјави дека руското однесување е „дестабилизирачко“ што Кремљ решително го отфрли.

Меркел во четвртокот истакна дека е доследна на отворената меѓународна трговија без оглед на стравувањата од протекционизмот на САД под Трамп.

„Обединети сме во нашата желба за јакнење на мултилатералните односи на самитот Г20… Потребно ни е отворено општество, особено отворени трговски текови“, изјави германската канцеларка во Берлин.

Неколку помали протести претходно седмицава во Хамбург минаа релативно мирно. Во средата повеќе од 7.000 млади луѓе минаа во протесна поворка со плакати против капитализмот и челниците на Г20.

Меѓутоа, пожарот кој во текот на изминатата ноќ во салонот за луксузни автомобили „порше“ во северниот дел од градот во кој се оштетени осум возила би можело да претставува најава на она што се подготвува. Полицијата изјави дека истражува дали станува збор за подметнат пожар поврзан со самитот.

Околу 20.000 полицајци и агенти се ангажирани за главниот протест којшто организаторите , сојузот на антикапиталистичките групи, го нарекоа „Добредојдовте во пеколот“.

Демонстрантите тврдат дека Г20 не успеал да реши многу прашања кои му се закануваат на светскиот мир, вклучително и климатските промени, сѐ поголемата неедвнаквост и насилните судири.

Американскиот претседател Трамп е една од главните цели на демонстрантите, но иронијата на нивното незадоволство од американскиот претседател е што со Трамп ја стекнуваат заедничката ненаклонетост за глобализацијата.

Но Трамп во Хамбург доаѓа да заговара трговски правила кои би оделе во прилог на САД, додека демонстрантите бараат поголеми права за сиромашните без оглед на тоа каде живеат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.