5.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Добредојдовте во „прохибициска“ Македонија

Чикаго, 1929 година. Мафијашка пресметка помеѓу две моќни групации кои подолг период војувале помеѓу себе со цел кој ќе биде носителот на организираниот криминал во градот. Епилогот од престрелката е добро познат, седум мртви на лице место, напаѓачите никогаш не се идентификувани. Се смета дека имале помош од полицијата, кои всушност ги застанале за легитимирање и претрес лицата кои потоа се убиени.

Скопје, 2018 година. Мафијашка пресметка помеѓу две моќни групации кои подолг период војуваат помеѓу себе со цел кој ќе биде носителот на организираниот криминал во градот. Непознати лица од автомобил во движење, со рафали од автоматско оружје пукале во друг автомобил. Биле испукани над 30 куршуми. Епилогот од престрелката е добро познат, двајца мртви, од кои еден на лице место, а другиот подоцна им подлегнува на повредите. Напаѓачите сеуште не се идентификувани. Се шпекулира дека имале помош од полицијата.

Сличностите помеѓу овие два случаи се фрапантни, што пак само по себе го поставува прашањето „Дали Република Македонија стана оаза на криминалот, и ако е така, како дојдовме до ваква ситуација“? Заради сериозноста на прашањето, а уште повеќе заради одговорите кои ќе се добијат на ова прашање, секој сегмент од ова дводелно прашање заслужува внимание да биде разгледан посебно.

Во однос на првиот дел од прашањето, дали Македонија стана оаза за криминалитетот, одговорот, за жал, е потврден. Доколку ги земеме во предвид сите случувања кои се случија во последниве година и пол, ќе забележиме дека постојано се случуваат убиства, постојано се палат возила, нема заплена на дрога или оружје, или со еден збор, криминалот цвета. Нерасчистените убиства, како она на младиот Мартин Јанушев, сите сомнителни дејанија околу убиството на Никола Саздовски, кои вклучуваа валкани игри и обиди за манипулација околу бројот на осомничени лица и нивните идентитети, само им дадоа крилја на криминалците да мислат дека можат да прават што сакаат, и дека нема да бидат фатени. Па,така, најсвеж пример ни е посочениот погоре, кој се однесува на исклучително храбрата и изведена на јавно место, мафијашка пресметка која се случи на Рузвелтова. Дури и полицајците, кои треба да се грижат за безбедноста на граѓаните, охрабрени од оваа неказнивост, почнаа да се однесуваат како локални шерифи, па видовме што се случи во Битола, кога полицаец прво најладнокрвно уби човек со службениот пиштол и потоа го запали. Да заклучам, во Република Македонија, криминалот цвета.

Во однос на вториот дел од прашањето, одговорот треба да го бараме во функционалноста на оние кои треба да го спречуваат криминалитетот, односно кои се платени и овластени за тоа, а одговорноста за нивната (не)функционалност треба да ја бараме од оној кој раководи со нив и ги насочува нивните активности. Ваквата одговорност, како и одговорот на прашањето како дојдовме до оваа ситуација да криминалот е најисплатлив бизнис во државава, во моментов треба да ја бараме од Оливер Спасовски, како министер, и од неговите најблиски соработници во Министерството за внатрешни работи. Бидејќи се покажа дека во министерувањето на Спасовски поважно е да се вратат партиските долгови на донаторите на СДСМ преку наместени тендери, да се кочат реформите во безбедносниот сектор, да се унапредуваат партиски послушници, тотално да се партизира министерството, да се отвараат досиеја за македонски нациоанлизам и екстремизам, да се оди по партиски трибини, а дури потоа да се преземаат активности за справување со криминалот, не треба да не чуди обемот на организираниот и обичниот криминалитет. Ништо не беа подобри ни неговите најблиски соработници, и поранешни и сегашни, бидејќи поранешнииот директор на БЈБ си ја користеше функцијата за да и обезбедно удобно летување на својата ќерка, а сегашниот дојде до таму кај што е, единствено заради подготвеноста, под команда на Заев и Спасовски, да извади оружје во законодавниот дом и да пука кон сопствените граѓани.

Со вакво раководство на чело на Министерството за внатрешни работи и вака поставени приоритети на челниците на тоа министерство, единствено што им останува на граѓаните е да си седат дома на безбедно, за да не настрадаат по улиците, или да си купат панцири и шлемови, па така опремени да шетаат по градовите.

Автор: Александар Нацев за НетПрес