Доцни метлата на Заев

Васко Ковачевски, директорот на РЕК Битола, треба да биде назначен за прв човек на АД ЕЛЕМ, а на негово место да дојде неговиот заменик и претседател на СДСМ Битола, Златко Ќурчиевски, дознава неофицијално „Република“. Како што пренесува агенцијата, метлата за директорите најверојатно ќе почека прво да се разберат Заев и Ахмети околу кадровските промени.
Иако денеска денес требаше да бидат познати кои се дваесетината директори од јавните претпријатија, дирекции, комисии, фондови и агенции кои ќе бидат заменети со други кадри, како што најави премиерот Зaeв, сѐ уште нема конкретни информации.

Пред четири дена, Заев, најави дека на 9 јули ќе се одлучува за имињата кои ќе бидат опфатени со „метлата“. А, запрашан дали се спремни листите со имињата на оние кои ќе бидат сменети, тој за ТВ21 одговори дека „сѐ уште не се подготвени за такво нешто“ и дека се уште разговараат со кандидатите.

Вицепремиерот Бујар Османи, пак, вели дека ДУИ прави анализа за работата на секој директор и дека во нивната партија ќе започне длабок процес на реформирање.

„Овој процес сѐ уште не заврши. Дебатираме во партијата во однос на овој аспект, но и со коалицискиот партнер за да ги пополниме местата. Така што, во моментов нема нешто конкретно. Разговараме. Кога ќе има конкретни имиња или промени, јавноста ќе биде информирана навреме, изјави Османи.

Инаку, промени се очекуваат и во раководствата на Македонија пат како и во Агенцијата за странски инвестиции.