Досега над 20.000 граѓани се пријавиле за вакцина против Ковид-19

Над 20.000 граѓани се пријавија за вакцинирање откако во текот на вчерашниот ден беше пуштена во употреба веб-страницата „вакцинација.мк“, истакна во емисијата „Студио 10“ на ТВ24, Жаклина Чагоровска, од Електронскиот систем „Мој термин“.

– Повеќе од 20.000 граѓани досега го изразиле својот интерес за вакцинирање. Сè уште не сме ги анализирале податоците за да можеме да одговориме од кој дел на земјава има најголем интерес за вакцинирање, но се надевам дека за брзо време ќе ги направиме потребните анализи и ќе ја информираме јавноста. Засега има триесетина пунктови каде што граѓаните ќе можат да ја примат вакцината против ковид-19 – посочи Чагоровска.

На прашањето дали жители од помалите градови низ земјава можат да се пријават за вакцинирање во некој од скопските пунктови, таа истакна дека такви примери се очекуваат, но дека таа лично не гледа причина зошто жител на еден град би сакал да се вакцинира во друг град.

– Не би навлегувала во причините зошто некој кој живее во еден град би се пријавил да се вакцинира во друг град, но секако дека такви случаи ќе има. Пред да започнеме со целиот процес, ние направивме проценка согласно податоците од Државниот завод за статистика за бројот на жители по општини. Ги имаме ние основните проценти, а и понатаму ќе продолжиме да го следиме процесот – истакна Чагоровска.

За техничките проблеми што вчера ги имаше сајтот „вакцинација.мк“, таа објасни дека системот бил тестиран пред официјално да се пушти во употреба, но како што рече, заинтересираноста на граѓаните била преголема и се случиле потешкотиите при отворањето на страницата.

– Проблем ни се јави со кодот кој треба да го добијат граѓаните кога ќе се пријават за вакцинирање. Но, веќе разговаравме со операторите и се надевам дека наскоро ќе биде решен проблемот – рече Чагоровска.