Додека Заев одмара, се редат имиња на списокот за „метла“

Јавноста го очекува враќањето на премиерот Зоран Заев од четиридневниот одмор и да го реализира ветеното пред вториот круг од претседателските избори – „метла“ за сите функционери кои не ги исполнија очекувањата на граѓаните и потфрлија во реализација на задачите.

Заев најави промени во Владата, смета на директори, но и меѓу партиското раководство веднаш по завршувањето на изборите.

И една недела по изборите, додека Заев одмара, јавноста веќе подготви долг список со предлог имиња на функционери кои не ја оправдаа дадената доверба од граѓаните.

Се очекува Заев да прави низа рокади во министерските редови. Во врска со овие најави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска вели дека го поддржува премиерот во оваа операција и смета дека треба да има реконструкција, но и смена на одредени кадри. Спасовски вели не се чувствува засегнат.

„Јас воопшто со тоа не сум засегнат, ниту сега, како и првиот ден. Доколку има таква одлука да знаете дека мојата судбина не може да биде поважна од судбината на сите луѓе во државата. И така треба да се однесува секој од функционерите“, вели Спасовски прашан за можност и тој да биде опфатен со операцијата „Метла“.

Според оценките на јавноста меѓу првите на кои Заев треба да им се заблагодари за досегашната (не)работа е пратеникот и генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски. Неговото име се најде на удар по низата скандали со вработување на блиски роднини во државни компании, а сопартијците го посочуваат генсекот како најодговорен за изборното потфрлање на социјалдемократите особено во првиот круг од претседателските избори.

 

Се говори дека ќе се бараат оставки и од градоначалници особено во општините каде СДСМ освои далеку помал број гласови од ВМРО ДПМНЕ откако пред само помалку од две години освои градоначалнички функции. Како такви се споменуваат градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на Аеродром Златко Марин и првиот човек на општина Кисела Вода, Филип Темелковски.

Ахмети ќе си одлучува за своите

Се очекува деновиве откако Заев ќе се врати во Скопје да се сретне со својот коалиционен партнер, лидерот на ДУИ, Али Ахмети за да ги договорат деталите за претстојната реконструкција и да направат нова поделба на министерските места.

Министрите од редовите на ДУИ се децидни дека за тоа дали некој од нив ќе биде сменет може да одлучува единствено Ахмети.