Доделена наградата за најдобар млад преведувач Вавилон

По повод Европскиот ден на јазиците, министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми денеска присуствуваше на церемонијата за доделување на наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“.

Натпреварот за млади преведувачи до 26 години,  кој годинава се организира прв пат, е поддржан од  Делегацијата на Европската Унија и Здружението на преведувачи на Република Македонија.

Министерот Адеми истакна дека Македонија има долга традиција во изучувањето стрнски јазици.

„Учењето странски јазик е задолжително во основното и во средното образование. Но она што сакам посебно да го истакнам е дека Министерството за образование и наука и Владата на Република Македонија, направија визионерски чекор во областа на образованието. Со воведувањето на концептот на деветгодишно основно образование во 2007 година,  предметот англиски јазик стана задолжителен за учениците од прво одделение. Во шесто одделение, децата почнуваат да учат уште еден странски јазик, германски, француски или руски, кој исто така е здолжителен“, рече Адеми.

Се инвестира и во високото образование. Преку проектот за опремување на лаборатории за научно – истражувачка и апликативна дејност, на некои од катедрите за странски јазици, инсталирани се најсовремени лаборатории за изучување странски јазици, превод и толкување.

Адеми рече дека се надева дека наградата за најдобар млад преведувач, ќе стане традиционална и дека од година во година ќе има се повеќе натпреварувачи и дека ќе се превдуваат новели, раскази, и други прозни дела на сите 24 официјални јазици на Европската Унија.