Доделени наградите за најдобар транспарент и фотографија од Виз Ер Скопски Маратон

Завршната манифестација на Виз Ер Скопски Маратон, на која присуствуваа сите партнери и учесници на ова спортско случување се одржа вчера вечер во хотел Парк и Спа.

Сојузот на спортови на град Скопје, кои се организатори на ова спортско случување уште еднаш потврдија дека за целокупната успешност се заслужни учесниците, покровителите, поддржувачите, спонзорите и соработниците. Без нив Виз Ер Скопски маратон не би бил тоа што е денес. Затоа, на вчерашната свечена церемонија беа доделени наградите за најдобрите тимови на полумаратонот, најдобрите тимови на 5км трката и најдобрите тимови на штафетен маратон. Клучен дел од маратонот беа и навивачите кои правеа фотографии и кои излегоа на улиците со транспаренти да ги бодрат учесниците. На најдобрите, најинтересните и најзабавните им беа доделени наградите за најдобар транспарент и најдобра фотографија.

Прво место за најдобар транспарент беше Ѓорѓи Филиповски, а второто место го делат Љубомир Стојчески и Методија Бунтевски. За најдобра фотографија прво место зеде Борче Поповски, второ Орце Поповски и трето место Анета Цветкова. Тие добија вредносни награди од Виз Ер и РиСпорт и организаторите на Виз Ер Скопски маратон.

При секоја спортска манифестација како Виз Ер Скопски маратон, Авицена Женска трка и Скопје трча 10КМ воведуваме новитети кои имаат за цел да го подобрат самиот настан. Оваа година се одржа и традиционалната хуманитарна Pasta party на која беа собрани 84.600 денари за „Проект среќа“ и акцијата „Здраво шампиони“. Еден од главните аспекти оваа година беше и промоторката, светска рекордерка во маратон, Пола Редклиф. Нејзиното позитивно искуство во Скопје ја поттикна и да трча на 5км трката при што таа застана пред самиот финиш и ги бодреше тие кои ја поминуваа последната линија, порача Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.

Според Ѓорги Кузмановски, претседател на Сојуз на спортови на Скопје, приказната и напредокот на Виз Ер Скопски маратон се неостварливи без покровителите како Град Скопје, Делегација на ЕУ во Скопје, Агенција за млади и спорт, партнерите, поддржувачите, и најважно учесниците.

Виз Ер Скопски маратон ги повикува заинтересираните во овој спорт да се подготвуваат уште сега затоа што сезоната на трчање повторно ќе биде отворена во октомври со Скопје трча 10КМ.