Доделени признанијата на Македонска асоцијација на издавачи

Македонската асоцијација на издавачи во заедничкиот саемски промоцентар ги додели наградите за најуспешни изданија, автори како и за најуспешни активности на издавачките куќи во периодот помеѓу двата саема. „Арс Ламина“ се закити со шест награди меѓу кои први места за „Најдобра едиција“ и за „Најдобро ликовно-графичко уредено издание“ за едицијата „Македонски книжевни класици“, специјално признание за промоција на читачката култура за кампањата „Читањето е супермоќ“ како и втори места за општествено-одговорни проекти и за иновативност, како и трето место за „Најдобро ликовно-графичко уредено издание“ за сликовницата „Девојчето и градот“ на Ване Костуранов. За победниците одлучуваше тричлена комисија составена од: новинарот Тони Димков, писателот Иван Шопов и претставничката од МАИ, Наташа Атанасова.

Уредничката Бисера Бендевска ја подигна наградата за „Најдобра едиција“ за „Македонски книжевни класици“ – Петре М. Андреевски која беше оценета како најдобра, врз основа на унифицираниот изглед на едицијата, нејзиното врвно ликовно-графичко уредување, илустрациите во внатрешноста на книгите и промоцијата на големиот македонски писател на нов и свеж начин пред денешната, нова читателска публика.

На уметницата Воскресија Андреевска, пак, и беше врачена статуетката за „Најдобро ликовно графичко уредено издание“ поради уметничкиот печат што го има оставено во делата и фактот дека илустрациите на кориците и во внатрешноста на книгите даваат модерно толкување на делата на Петре М. Андреевски.

Уредничката Татјана Димовска-Атанасова го подигна специјалното признание за промоција на читачката култура, за кампањата „Читањето е супермоќ“ која „Арс Ламина“ ја организира повеќе месеци и дел од неа се многубројни онлајн активности како и настани од типот на четирите обуки на Филозофскиот факултет насловени како „Развивање на читачките навики и способности кај учениците“ на кој имаше повеќе од 1300 посетители. Димовска-Атанасова воедно ја подигна наградата и за третото место за „Најдобро ликовно графичко уредено издание“ која му припадна на Ване Костуранов, автор на „Девојчето и градот“, кој не беше во можност да присуствува.

Во категоријата посветена на иновативноста, директорката на издаваштво во „Арс Ламина“, Бранка Бугариска, ја подигна дипломата за второ место која беше доделена поради брзото приспособување на издавачката куќа кон новонастанатата ситуација на почетокот од кризата со Ковид-19 и пренесување на активностите онлајн.

Во сферата на поттикнување на општествената одговорност, „Арс Ламина“ се најде на втората позиција поради големиот број донации за разни социјално-загрозени групи, а признанието го подигна Андријана Андова.