Доделени средства за иновативни проекти на дваесет домашни компании

Дваесет домашни компании ќе спроведуваат иновативни проекти со 80 милиони денари преку Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), од кои 58 милиони денари обезбедува Владата, а останатите од Светска банка.

Корисници на парите се петте најуспешни учесници на повикот на ФИТР „02 предизвик“, како и 15 најдобри проекти од четвртиот повик за инструментите за поддршка на стар-ап и спин-оф и за комерцијализација на идеи.

„Првпат Владата станува партнер за финансирање иновативни проекти на домашни компании. Меѓународниот и технолошкиот развој на компаниите ги поставивме како суштина на новите економски политики. Уверени сме дека токму иновациите и технолошкиот развој ќе бидат едни од генераторите на економскиот развој на земјата и причина заради која младите луѓе ќе ги задржиме да живеат и работат во Македонија“, рече премиерот Зоран Заев на доделувањето на договорите на компаниите.

Ќе се спроведуваат проекти коишто треба да придонесат за намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини, како што се електрични велосипеди, воздушен колектор, прочистувач на гасови од индустриски објекти… Дел од иновативните проекти се за примена на интегриран електронски систем за следење на здравствена состојба на ризични групи пациенти, паметен систем за читење водомери…

Тие, според Заев, се доказ дека Македонија изобилува со креативни, способни и вредни луѓе, подготвени да го реализираат својот сон, да преземаат акција и да креираат нови вредности. Во иднина, како што најави, уште поизразено ќе се инвестираат буџетски средства за развој на иновациите и за технолошки развој на компаниите.

Македонија заедно со Косово и Белорусија лани беа единствените европски држави кои воопшто не беа рангирани во глобалниот индекс на конкурентност. На листата на глобалниот иновациски индекс ситуацијата е подобра, но, според директорот на ФИТР Јован Деспотовски, останува фактот дека заостануваме значително зад глобалните европски трендови.

Причините за ваквата состојба, како што рече, се и податоците според кои до 2017 година од Буџетот воопшто не се издвојувани пари за иновациски проекти и се спроведувани погрешни политики кои креирале образовен систем и институции кои биле затворени за секакво критичко и креативно размислување.

Од канцеларијата на СБ во Македонија, од каде досега се поддржани 36 микро и мали компании за иновациска дејност порачаа дека силните иновациски способности се важни за градење динамични и отпорни економии.

„Иновациите им овозможуваат на фирмите да се специјализираат, да ги исполнат меѓународните стандарди за најдобри практики, да го надградат квалитетот, да ги намалат трошоците и најважно од се да отворат нови работни места“, рече Марко Мантонавели, директор на Канцеларијата на СБ во Македонија и Косово.

Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, 2018 ќе биде година за инвестирање. Третиот столб на мерките за микро мали и средни претпријатија ќе биде
имплементиран преку Фондот за иновации. Покрај најавените законски решенија за поддршка на компаниите, укажа, и сега постои законска основа за државна помош за сите компании кои сакаат да инвестираат во Македонија.

„Веќе се потпишани четири договори за само два месеца откако се објавени владините мерки, триесетина компании разговараат и мислам дека резултатот ќе биде многу позитивен“, рече Анѓушев.

ФИТР веќе го подготвува повикот за финансирање на мерките од третиот столб на планот за економски раст, а за кои се издвоени 185 милиони денари буџетски средства. Во наредните шест до осум недели, најави Деспотовски, ќе биде објавен повик за финансирање проекти со првите четири мерки од предлог планот за економски раст наменети за сите микро мали и средни претпријатија. Ќе следува и повик за два нови инструмента на Фондот со финансии од Светската банка, како и два нови тематски повици со две министерства со кои ќе се претстави нов инструмент за примена на иновациите во јавниот сектор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.