Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и Деканот на Природно – математичкиот факултет, Ицко Ѓоргоски, денеска ги доделија ваучерите за набавување на таблет компјутери со надворешна тастатура за потребите на редовните студенти и студентите евидентирани како лица со посебни потреби.
– Меѓуресорската Комисија задолжена за проверка на барањата на студентите за стекнување вредносен бон ваучер изврши дополнителна проверка и таа проверка ќе продолжи согласно законот, така што денеска ќе се доделат 316 ваучери и тоа: На Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”-206, од кои 140 тука на Природно -математичкиот факултет, На Универзитетот ,,Гоце Делчев”-Штип 38, На Универзитетот ,,Климент Охридски” од Битола 22, на Државниот Универзитет во Тетово-38 и уште 12 ваучери на приватните факултети”, рече Ивановски.
На Природно-Математичкиот Факултет аплицирале 205 студенти, од кои вкупно 149 (од минатата недела и денеска) се стекнале со право за ваучери, 46 студенти се одбиени поради повисоки приходи утврдени со Законот и за 10 студенти поради погрешно внесен матичен број се утврдува точноста на матичните броеви, за потоа да се прибават податоци за нивните приходи и проверка дали ги исполнуваат условите од законот.
Министерот ги повика студентите да се обратат до студентските служби, доколку има погрешен матичен број на некој од родителите, тоа да се корегира, да се информира МИОА и потоа УЈП да направи дополнителна проверка.
,,Министерството имаше упатено јавен повик до ИТ фирмите кои сакаат да се вклучат во проектот, при што беа избрани 52 фирми кои доставиле уредни документи и ги исполниле условите согласно Законот за издавање на вредносни бонови ваучери. Според податоците што во моментов ги имаме, од претходно доделените 4.570 ваучери, во продавниците досега се искористени 1.795 за купување на таблет компјутери. Од факултетите биле подигнати 3.243 ваучери , а се уште не се подигнати 1.327 ваучери од факултетите”, рече Ивановски.
Комисијата ги разгледа сите 7.290 барања за стекнување на вредносен бон ваучер: Вкупно 4.886 студенти се стекнуваат со вредносен бон ваучер, 1.701 барања на студенти се одбиени поради повисоки приходи утврдени со Законот и уште 145 поради неисполнување на условите од Законот во однос на студиската програма.
За 542 барања поради погрешно внесени матични броеви, Комисијата започна постапка за утврдување на точните матични броеви за барателот и членовите на нивните семејства. Веднаш по утврдување на точните матични броеви и прибавување податоци за висината на вкупните приходи на студентот и членовите на семејството, комисијата ќе пристапи кон утврдување на исполнетоста на условите од законот.
Боновите- ваучери во вредност од 8.000 денари се за еднократна употреба и ќе се употребат за купување на таблет компјутер со надворешна тастатура, најдоцна до 25-ти јуни.