Додик ги обвини САД за подготовка на вооружен бунт во БиХ

Водачот на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, ги обвини САД дека подготвуваат вооружен бунт во Босна и Херцеговина „кој би требало да го водат муслиманите“, заострувајќи го својот судир со американските функционери откако администрацијата во Вашингтон го стави на листата на кои им е забранет влезот во САД под обвинувања за наводна корупција.

Особено е остар и апсурден судирот меѓу американските функционери и Додик околу тоа што Вашингтон српскиот лидер го обвинува за нарушување на Дејтонскиот договор, а тој вели дека токму силите во Сараево кои ги поддржува САД на штета на Република Српска го нарушуваат тој договор со кој е создаден тој ентитет и е запрена војната во првата половина од 1990-те години,

Одговарајќи на прозивките од страна на амбасадата на САД дека е политичар кој предизвикува постојани конфликти и тензии, како и предводник на критики и вербални напади врз телата на БиХ и дека ја блокира нивната работа, Додик во вторникот рече дека поради тоа треба да биде протеран американскиот амбасадор Мајкл Марфи.

Американската амбасада, во коментарот од понеделникот им се придружи на осудите на контроверзните изјави на поглаварот на Исламската заедница во БиХ, Хусеин Кавазовиќ, со кој тој предупреди дека Бошњаците би требало да бидат подготвени да ја бранат целокупноста на земјата (вклучително и Република Српска) ако треба и со оружје, доколку не успее „одбраната во институциите во државата“, што во Бања Лука се оценува како нова пројава на интенциите српскиот ентитет да биде укинат.

Амбасадата на САД наведе дека изјавите на политичарите и верските водачи со кои се даваат закани со насилства се неприфатливи, истакнувајќи дека токму политичарите, и за пример го посочи Додик, „всушност ги создаваат проблемите поради кои следат такви изјави“, со што јасно ја зазема позицијата на Кавазовиќ.

Амбасадата на САД истакнува дека се „точни констатациите на реисот за тоа дека на дело се обидите за поткопување на институциите на БиХ“, а како виновник директно го посочуваат Додик посочувајќи го како тој „што неретко со збори и дело ја напаѓа државата, често доведувајќи ја во прашање и самата БиХ“.

„Неодамна БиХ ги етикетираше како ‘муслиманска лага’. Редовно имплицира дека ќе ја одвои Република Српска од БиХ. Дали неговите зборови се бесмислени? Дали оние кои го слушаат ме треба да се сфати сериозно?.. Ако не е така, тогаш не треба да зачудува дека по безбројните вербални и други напади на Милорд Додик врз БиХ некои нејзини граѓани веруваат дека може да дојде до време кога ќе треба да ја бранат од него“, тврди во реакцијата амбасадата на САД изразувајќи разбирање за изјавата на реисот.

Таквите изјави за Додик претставуваат провокација, па на американската дипломатија ѝ возврати со обвинување дека тие со години работат во полза на претензиите на Бошњаците кон Република Српска и затоа сега го бранат и Кавазовиќ.

„Само што јас лично мислам дека тие не го бранат Кавазовиќ, туку идејата за вооружен бунт кој би го извеле муслиманите, со што друго ако не со американско оружје.“, изјави во вторникот за локалните медиуми Додик.

Тврди и дека американскиот амбасадор во Сараево е тој кој во БиХ ги поттикнува судирите и ги поддржува јазикот на омраза, па затоа и треба да биде протеран.

САД досега во два наврата го санкционираа Додик. Првиот пат беше ставен на „црниот список“ на лица на кои им е забранет влезот и им е замрзнат имотот во САД во 2017 година, во времето на администрацијата на претседателот Барак Обама, кога беше означен како личност која „претставува закана за спроведување на Дејтонскиот договор“. Во декември 2022 година дополнително е санкциониран за корупција без конкретни наводи.

На Додик санкции му воведе и Велика Британија, која за разлика од САД на тој список ја стави и неговата соработничка Жељка Цвијановиќ, која сега е претседателка на Претседателството на БиХ.