Додик пред судот изјави дека не го разбира обвинението, ама верува дека веќе е осуден

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик денеска пред Судот на Босна и Херцеговина не се изјасни за обвинението поднесено против него поради неспроведување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, Кристијан Шмит, наведувајќи дека не разбира што пишувало во него и додавајќи дека верува дека пресудата е веќе донесена.

Актуелниот претседател на Република Српска дојде во судницата во Сараево во придружба на адвокат, а оваа рутинска процедурална постапка ја следеа голем број новинари додека галеријата во најголемата постоечка судница беше исполнета до последното место. Меѓу посетителите преовладуваа симпатизерите и политичките соработници на Додик, кои дојдоа таму да му ја покажат својата поддршка и лојалност.

Додик не сакаше да стане кога требаше да се изјасни, велејќи дека не го разбира обвинението, а на ист начин постапи и Милош Лукиќ, директор на Службен весник на РС, кој беше обвинет заедно со него. Додик се пожали дека не може да стане „бидејќи го боли грбот“, што судијката Јасмина Ќосиќ Дедовиќ го оцени како непочитување на судот.

Во согласност со правилата, судијата изјави дека и Додик и Лукиќ се изјасниле за невини, па сега го чекаат судењето.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.