Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, во изјави дека доколку биде осуден за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина, Република Српска веднаш ќе прогласи независност.
На Додик му се суди пред Судот на БиХ од февруари 2024 година по обвинението што го товари за непочитување на одлуките на високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит. Доколку биде прогласен за виновен, на Додик му се заканува затворска казна до пет години, што би значело автоматско отстранување од функцијата претседател на Република Српска.
Додик и директорот на Службениот весник на Република Српска, Милош Лукиќ, беа обвинети дека овозможиле објавување на два закона што беа усвоени од парламентот на Република Српска и покрај тоа што високиот претставник Кристијан Шмит претходно ги поништи. Додик, инаку, не го признава легимитетот на Шмит бидејќи е именуван без редовната дискусија во Советот за безбедност при Обединетите нации, за што има поддршка од Русиај и Кина како постојани членки на Советот.
Во интервјуто за телевизијата на Република Српска (РТРС) емитувано во средата вечерта, тој се закани дека пресудата со која ќе биде прогласен за виновен ќе доведе до распад на БиХ.
„Доколку има таква одлука, што и да вели некој, веднаш ќе имате одлука на парламентот за отцепување од Босна и Херцеговина и референдум за независност на Република Српска“, рече Додик, кој доби дозвола од Судот на Босна и Херцеговина дека не мора да присуствува на судењето до 29-ти јануари поради здравствени причини.
Проценката на докторот е дека овој период му е потребен за да закрепне од операцијата на која беше подложен во приватна клиника во Белград на почетокот на декември минатата година поради приклештување на хранопроводникот.
Но, тоа не секако не го попречи Додик да даде интервју за РТРС во кое рече дека „светата задача на Република Српска е да ја напушти Босна и Херцеговина“.
„Верувам дека морам да ја извлечам Република Српска од Босна и Херцеговина“, рече Додик додавајќи дека очекува со доаѓањето на новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп, да се намали притисокот врз политичарите од редовите на босанските Срби.
Исто така, објави дека размислува Република Српска да се повлече од учеството во спроведувањето на реформите што ќе ја доближат БиХ до членството во Европската унија.
Рече и дека дека овој ентитет има проблеми само поради барањата на ЕУ и смета дека влезот на БиХ во ЕУ значи исчезнување на РС.
„Кога ние ќе влеземе во ЕУ, тоа значи дека нема Република Српска. Дали е тоа цената што овие луѓе сакаат да ја платат? Нека платат. Јас нема. Додека јас го водам ова, тоа нема да се случи“, рече Додик.