Договорен буџетот на ЕУ за 2020-та

32

Преговарачите на трите главни институции на Европската унија постигнале во понеделникот малку пред полноќ договор за буџетот на Унијата за 2020 година, последната година од сегашната Повеќегодишна буџетска рамка за периодот 2014 – 2020 година.

Договорот е постигнат со претпоставката дека Велика Британија, којашто ЕУ треба да ја напушти на 31-ви јануари следната година, ќе продолжи да го плаќа својот придонес и ќе учествува во спроведувањето на буџетот до крајот на 2020 година како полноправна членка на блокот.

Буџетот за следната година е фиксиран на износот од 168,69 милијарди евра во обврски, пари кои може да бидат одобрени во договорите за проекти во 2020 година, и на 153,57 милијарди евра во плаќањата, а тоа се пари кои навистина ќе бидат исплатени во годината.

Преговарачите на Европскиот парламент успеаја да се изборат за зголемување од 850 милиони евра во однос на почетниот предлог на Комисијата за финансирање на климатките цели, дигитализацијата и програмата за студентска размена Еразмус плус.

Договорот е постигнат по три седмици интензивни преговори и тоа на последниот ден од рок за ускладување на ставовите меѓу двете законодавни институции. Доколку не беше постигнат договор, Комисјата ќе мораше да излезе со нов предлог за буџетот, а потоа ќе следеа нови преговори за усогласување на ставовите.

„Станува збор за буџетски континуитет, тоа е последниот буџет во рамките на актуелниот долгорочен буџет и последниот кој го предлага Европската комисија на (претседателот Жан-Клод) Јункер. Буџетот насочува средства таму каде што се потребни и ќе помогне во создавање работни места, во борбата против климатските промени и да се поттикне инвестициите ширум Европа. Ќе се инвестира во младите луѓе, и во безбедноста на Европа“, изјави комесарот за буџет Гинтер Отингер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.