Договорен мир во Украина

На средбата на Контакт групата за Украина во Минск, вчеравечер, бил постигнат договор за прекин на огнот и контрола за негово исполнување, јавува руската новинска агенција Итар Тасс, пренесува Нетпрес.

Според објавеното, покрај запирањето на огнот, договорено било и повлекување на тешкото оружје од линиите на фронтот во Украина, како и формата на власта во земјата и спроведување на локални избори.

За денеска пак, се подготвува средба на врвот во т.н. „Нормандски формат.

– Засега продолжува дискусијата за локалните избори и за државното уредување во Донбас, изјавил неименуван извор на руската новинска агенција.

Во преговорите на Контакт групата од украинска страна учествувале специјалниот претставник за хуманитарни прашања и лидер на општествената организација „Украински избор“, Виктор Медвечук, и поранешниот претседател на Украина, Леонид Кучма.

Самопрогласените Доњецка народна република и Луганска народна република, во источна Украина, се претставувани од Денис Пушилин и Владислав Дејнего. Во преговорите, исто така, учествуваат и специјалната претставничка на претседателот на ОБСЕ, Хајди Талјавини, како и амбасадорот на Русија во Киев, Михаил Зурабов, кој е посредник во преговорите.

Во објавената вест се вели дека по завршувањето на преговорите Зурабов и Кучма си размениле неколку зборови насамо и си стиснале рака. Откако средбата завршила, сите учесници седнале во своите автомобили и заминале, без да дадат изјави за медиумите.