Дојранчани против рудник во нивната општина

На референдумот „за“ или „против“ отворање на рудник на нивна територија, жителите на Дојран во неделата се изјаснива против изграда на рудникот „Казандол“ и најавеното отварање нови рудници.

Општинската изборна комисија ги соопшти резултатите од референдумот, според кои излезноста била 51,22 отсто, или 1.407 од 2.747 регистрирани избирачи. За референдумот да биде успешен, требаше да се запази цензусот од 50 отсто плус еден излезени гласачи.

Против продолжување на изградбата на рудникот „Казандол“ гласале 1.336 жители, односно 94,95 отсто од оние што излегле на избирачките места, а само 51 избирач биле за отоврање на рудникот, или 3,62 проценти.

Против отворање нови рудници на територијата општината, што беше второто референдумско прашање, биле 1.340 гласачи.

Референдумот беше распишан на барање на граѓаните. На територијата на општината дадена е концесија за експлоатација за потенцијалното отворање на рудник „Башибоз“ на планината Беласица.

Досега успешни референдуми против отворање рудници се одржаа во Гевгелија и во Богданци, а за 20 август е закажан и референдум во Валандово, на чијашто територија веќе започна изградбата на рудникот „Казандол“.

Најавени се слични референдуми и во општините Босилово и Ново Село.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.