Докиќ препорачува родителите слободно да ги пуштат децата во градинка

Проф. д-р Дејан Докиќ вели дека родителите не треба да се плашат да ги пуштат своите деца во градинка.

„Тие се сè уште мали и немаат доволен број АЦ2 рецептори и помалку се заразуваат со Ковид-19, а имаат и полесна клиничка слика“, порача Докиќ, одговарајќи на новинарски прашања заедно со министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој не може да каже дали новите соеви дават и полоша клиничка слика кај заболените лица. Засега осумдесет отсто од позитивните лица имаат лесна клиничка слика и одат на домашно лекување, а на другите им треба болничко лекување, но и меѓу нив, поголем е бројот на лица со лесна или среднотешка клиничка слика.

„Не може со сигурност да се тврди дека овој сој прави потешка клиничка слика. Да, тој заразува поголем број, тоа е точно, затоа реков да се подигнат мерките, но за клиничката слика не може да се тврди бидејќи доаѓаат пациенти кои доцна бараат помош. Дали поради задоцнетото доаѓање е тешка клиничката слика или поради самиот вирус, тоа не можеме да го кажеме. Сѐ уште е на ниво на опсервација“, објасни пулмологот Докиќ.