Доктор Бошковски донираше крвна плазма: Имам чувство дека сум направил добро дело, а тоа нема цена

Доктор Мирослав Бошковски е човекот кој донираше крвна плазма за 40-годишниот ресечанец за кого подолго време се бара донација. За случајот на Твитер информираше министерот за здравство, Венко Филипче.

-Д-р Мирослав Бошковски денеска донираше крвна плазма за да го спаси животот на четириесетгодишниот пациент од Ресен, кој беше споделуван деновиве на социјалните мрежи, напиша Филипче на Твитер, споделувајќи фотографија од Бошковски.

-Кога видов дека се бара моја крвна група, Б позитив, веднаш телефонски контактирав со Институт за трансузиона медицина. Во рок од 24 часа ги направивме сите тестови, анализи, вклучително и оние со кои се гледа дали имам доволно протеини, хемоглобин и количество на антитела. Се надевам искрено дека ќе помогнам. Откако донирав плазма, се чувствував исполнето и среќно, имав чувство дека сум направил добро дело. Тоа, нема цена, сознанието дека си помогнал за да спасиш нечиј живот. И покрај тоа што тоа ни е секојдневна обврска на нас лекарите, сепак чувството овој пат беше посебно“, вели д-р Бошковски од Куманово, 35-годишен матичен лекар и специјализант по интерна медицина.