На валутните пазари во раното претпладневно тргување во средата вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути се зголеми втор ден по ред.
Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 101,20 поени, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 100,80 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 144,30 на 143,85 јени.
Меѓутоа, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,1065 долари, додека ден претходно во истиот дневен пресек изнесуваше 1,1135 долари.
Европската валута е под притисок од вчера, кога податоците на Euroast покажаа дека инфлацијата во еврозоната паднала под целта на Европската централна банка (ECB) од два отсто во септември.
Поради ова, зајакнаа шпекулациите дека челниците на ECB би можеле дополнително да ги намалат каматните стапки на седницата во октомври, веќе трет пат годинава, за 0,25 процентни поени.
Цените на нафтата, пак, пораснаа втор ден по ред бидејќи ескалацијата на конфликтот на Блискиот исток може да го наруши снабдувањето со „црното злато“.
Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 1,52 отсто, на 74,70 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 1,69 отсто, на 71,05 долари.