ДОМ и ДС ја поздравуваат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за една изборна единица

За челниците на ДОМ и Демократски сојуз, Маја Морачанин и Павле Трајанов позитивно е што ВМРО-ДПМНЕ го сменила ставот за една изборна единица, откако во средата нејзиниот лидер Христијан Мицкоски најави оти ќе предложат измени во Изборниот законик за една изборна единица, но, како што велат, тоа не треба да се поврзува со барањето за предвремени избори, а дебатата за ова прашање треба да се води во Собранието.

Според Морачанин, ДОМ не планира да ја промени страната, ниту, пак да биде една од партиите која ќе овозможи распуштање на Собранието. Трајанов не сака да ги коментира барањата на опозицијата за брзи избори, најважно според него е партиите да поддржат промена на изборниот модел. Поддршка за една изборна единица стигна и од Алтернатива, додека од Алијанса за Албанците преферираат отворена изборна листа со осум изборни единици.

ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ и денеска ги судрија ставовите околу потребата од предвремени парламентарни избори. Од опозициската партија го повторија барањето за брзи избори и тврдат дека се подготвени тие да се одржат без техничка влада. Од СДСМ со став дека избори не се потребни, а новата Влада има полн легитимитет да ја води државата.

„ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара за промени во Изборниот законик и да ги слушне барањата на помалите политички партии за една изборна едница и доколку тоа е проблем на СДСМ и ДУИ, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати предвремени парламентарни избори без техничка влада и со една изборна единица“, нагласи Митева.

„Во делот на калкулациите и во делот на сите оние лажни обвинувања и прифаќање на понудите, тоа е лицемерието коешто го има ВМРО-ДПМНЕ се со цел да издејствува да избоксува предвремени парламентарни избори коишто на граѓаните во моментот не им се потребни. На граѓаните не им се потребни предвремени парлментарни избори секоја година и со тоа значи дополнителни укочувања на процесите на системот, туку напротив потребно им е сето она за што се залагаме односно спроведување на владината програма“, изјави Каевски од СДСМ.

Барањето на помалите политички партии за една изборна единица, отворени листи и без изборен праг трае веќе неколку години. Првиот предлог-закон во Собранието со 3.000 амандмани го блокираа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ претходно во Собранието, а лани во март е поднесен повторно предлог за измени на изборниот модел и за отворени листи, но досега расправата за него не е започната.