Домашната прашина е алерген број 1 во Скопје

Алергиите кај најмладата популација се во подем, алармираат лекарите, според кои, родителите не обрнуваат доволно внимание на тоа. Едно неодамнешно истражување на Институтот за белодробни заболувања кај децата, Козле во Скопје, спроведено врз 440 пациенти на возраст од 2 до 18 години, со клиничка манифестација на алергиски ринитис, покажало кои се главните причини за неговата појава, пишува Гласот на Америка.

– Студијата се спроведе со помош на т.н. скин прик тест. Тоа е кожен тест, кој што се применуваше на рацете на децата со десетте најтипични ареолергени. Докажавме дека алергенот домашна прашина е број еден алерген, кој што ги прави овие клинички манифестации кај нашите испитаници – вели Мирјана Поповска, педијатар-пулмолог.

Таа објаснува што е алергиски ринитис.

– Тоа е кога кај децата се јавуваат симптоми на чешање или затнат носот, назална секреција и опструкција. Потоа често кивање, често гребење или чешање во грлото и ушињата. И кога е проследено и со симптоми како што е солзење во очињата, црвенило на очите – додава Поповска.

И аерозагадувањето, односно високата концентрација на ПМ честички во воздухот, влијае врз здравјето на децата. Речиси и да нема град во државата, каде нема аерозагадување предупредуваат лекарите.

– Сето тоа ја влошува состојбата во смисла на алергии посебно и на белодробните промени кои ги чувствуваат после децата. Секаде е веќе загадено. Ако не е загадено, има треви и дрвја што цветаат, па има и од тоа алергии. Сега алергиите се многу зголемени и тоа е резултат на тоа загадување и на глобално затоплување – вели Татјана Јачоска, претседателка на Македонското педијатриско-респираторно здружение.

Аерозагадувањето се смета како еден од тригер факторите за ризикот за појавата на рана алергија.

Испитувањето покажало и дека алергискиот ринитис со голем број алергиски коморбидитети има значително влијание на квалитетот на животот и училишните перформанси кај децата. Затоа тие треба да се третираат соодветно и навремено, бидејќи оваа болест, дава широк спектар на компликации уште во најрана возраст.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.