Доматите и краставиците ќе се продаваат по 95 денари, пиперките по 100, ќе се бараат виновниците за лажните фактури

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека ќе има корекција на одредени цени на овошје и зеленчук по завршените разговори со увозниците, Стопанската комора, а договореното ќе се спроведе по излегувањето во Службен весник.

– Највисоката цена на доматите ќе изнесува 95 денари, истото важи и за краставиците, а за 10 денари ќе се зголеми цената на кромидот. Причина за ваквиот чекор е зголемувањето на увозните цени од над 30 проценти на овие производи во последната недела. Забележуваме намалување на цените на овошјето, особено на јужното овошје. Граѓаните да бидат спокојни, затоа што оваа мерка ќе важи до крајот на месецот, бидејќи на дневна основа се контролираат цените на увозот, а тоа значи дека можно е повторно да ги коригираме доколку забележиме намалување на увозните цени – рече министерот Бектеши.

Министерот истакна дека цената на пиперката ќе биде 100 денари, додека леќата ќе се продава по 110 денари, а останатите зеленчуци и овошја ќе се продаваат по цена пониска од 100 денари.

Според владината одлука, килограм банани ќе чини до 75 денари, килограм портокали до 60, килограм мандарини до 65 и килограм лимони до 60 денари.

Во однос на лажните фактури, со кои се прикажувал поевтин увоз на овошје и зеленчук, тој кажа дека Царинската управа се координира со институциите во Турција и во Грција во потрага по виновниците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.