Доминантно и лесно Барса визира ново финале во Доха

Ракометарите на Барселона втора година по ред обезбедија финале на IHF Суперглоб во Доха и пак тоа го направија без пораз. Во денешното полуфинале со катарскиот Ел Џаиш, Лазаров и другарите не дозволија изненадување, какво што неретко се случува на овој турнир. Второто полуфинале започна со добар влез во мечот на Барселона, која за прв пат започна со водство на европјаните. Томас и Лазаров погодија за 5:3 во 8 минута, но цврстата игра во одбрана на екипата на Зоран Кастратовиќ го врати тимот од Катар до 9:9, а потоа преку Марковиќ и до водство од 10:11. На почетокот на 20 минута на додавање на Лазаров, Гудјон Валур Сигурдсон погодува од крилна позиција за 11:11. Мосбах Санаи возврати, но „бомбата„ на Кирил Лазаров и неговиот втор гол ја врати Барселона во предност (13:12). Гонзало на голот беше се посигурен и Лазаров со третиот свој гол „ја искина пајажината„ од голот на Ел Џаиш за +2 во 27 минута.

Каталонците добија на континуитет во нападот и Нодесбо и Раул Ентрериос за прв пат донесоа четири гола предност (17:13). Налетот на момците на Пасквал заврши со импресивни последни две минути, во кои Сигурдсон предноста за зголеми на +5 гола за мирно заминување на одмор. Вториот дел започна со гол на Раул Ентрериос за високи 20:14. Брзите и лесни голови низ транзиција станаа заштитен знак на Барса во овој период, во кој црврстата одбрана на Барселона беше клучот на успехот. Сигурдсон и Нодесбо погодија за 23:16 во 35 минута. На кратко средниот бек на Ел Џаиш, тунижанецот Меганем погоди два пати за 25:19. Карабатиќ со нов лесен гол при 28:20, го принуди Кастратовиќ на тајм-аут. Веднаш потоа со гол на Лазаров, Барса со нов гол дојде до двоцифрена дистанца (30:20).

Санаи со седмиот гол, единствен во екипата на Ел Џаиш делуваше расположено во текот на целиот натпревар. Катастрофа им се закануваше на катарците по новите голови на двете крила Саубич и Сигурдсон (32:21). Големото исландско засилување од Кил со нови два гола изби на врвот на листата на стрелците за 34:22 за Барселона. Победникот беше јасен и 13-14 минути до крај, Барса играше се поегзибиционо и позабавно. Хедуи со два гола ја спушти дистанцата до 10 гола. Барса лесно го спроведе мечот кон крај за Рутенка во 58 минута да погоди од позиција на кружен напаѓач за 39:27. На крајот финални 39:29 за Барселона и четврта победа од исто толку мечеви и обезбедено финале утре, по кое Барселона по втор пат може да стане светски клубски првак. Целата екипа фунционираше беспрекорно. Гонзало на голот одличен, одбраната за пофалба, Лазаров лидерски со 5 гола, двете крила Томас и Сигурдсон играа „професорски„ Во првото полуфинале играно попладнево, Ал Саад го изненади Фленсбург и со победата од 27:26, обезбеди место во утрешното финале против Барселона.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.