Доналд Туск повика на бојкот на изборите во Полска

Поранешниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, упати апел за бојкот на претстојните претседателски избори во неговата родна Полска, велејќи дека поштенското гласање што владата го предложило носи здравствени ризици среде пандемијата на коронавирус и нема да ги исполни демократските стандарди за слободни, еднакви и транспарентни избори.

Туск, кој беше премиер на Полска за време на 2007-2014 година, во видео на Твитер изјави дека нема да „учествува во постапката на гласање“, на 10 мај. Тој посочи дека гласањето промовирано од владејачката партија „нема никаква врска со избори“.

Владејачката партија во Полска врши притисок да се одржат изборите според планираното, тврдејќи дека гласањето преку пошта може да се одржи на безбедно ниво. Владејачката партија ја поддржува кандидатурата за повторен избор за претседател на Анджеј Дуда, кој моментно води во анкетите.

Кандидатката на центристичката Граѓанска Платформа, партија формирана од Туск, е Малгоржата Кидава Блонска, но и таа рече дека нема да учествува во гласањето.

И покрај решеноста на владејачката партија, гласањето сепак може да се одложи. Закон со кој ќе се овозможи гласање по пошта е предложен во полскиот Сенат, но можно е да не биде изгласан до 7 мај. Опозицијата и еден дел од Владата преговараат за одложување на изборите.

Европскиот Парламент и ОБСЕ исто така се изјаснија против гласање во време на пандемија. Полските бискупи од Католичката црква, кои се влијателни во земјата, упатија внимателно формулиран повик до Право и Правда и до опозициските партии во кој ги повикаа да „бараат решение преку дијалог за да не дојде до правни сомнежи“ и да ги почитуваат.