Донесени измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 82 седница со 56 гласови „за“, еден „воздржан“ и 17 „против“, како и 11 гласови „за“, еден „воздржан“ и четири „против“ од припадниците на помалите етнички заедници го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Измените и дополнувањата на Законот, како што рече министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски се усогласени со еснафските здруженија на новинарите и со нив се изземаат интернет порталите од оваа легислатива.

Појасни дека со измените се предвидува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги административен надзор да има само врз печатените медиуми и тоа врз три одредби: за импресум, за заштита на малолетни лица од порнографски содржини и за јавност при работењето.

Во членот 48 кој се однесува на посебните забрани во Законот за аудио-визуелни медиумски услуги, како што истакна министерот, со Предлог законот се додава нов став во кој се вели дека секое ограничување на содржините во медиумите треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.