Донор од Македонија донираше клетки за непознат пациент од Бугарија

Донор од земјава даруваше хематопоетски матични клетки за непознат пациент од Бугарија, соопшти Институтот за трансфузиона медицина. Колекционирањето на клетките било извршено во изминатите два дена.

Донорот врз основа на ХЛА компатибилност е избран од македонскиот регистар на донори на матични клетки при Институтот за имунобиологија и хумана генетика кој е дел од светскиот регистар на донори.

– Ова е третпат донор од Северна Македонија да дарува за пациент од друга земја. Клетките се користат за трансплантација на коскена срцевина кај хематолошки болни пациенти. Упатувам голема благодарност за храброста, алтруизмот и хуманоста на донорот кој без двоумење прифати да дарува матични клетки. Со овој чин, спасуваме човечки животи. Спасуваме животи на наши блиски, роднини, пријатели. На пациентот од Бугарија му посакувам побрзо закрепнување – изјави директорот на Институтот, д-р Седула Усеини.

Секој возрасен здрав човек на возраст помеѓу 18 и 50 години може да дарува коскена срцевина во Институтот за имунологија и хумана генетика. Преку подигнување на свеста за хуманост, солидарност и запишување во Националниот дарителски регистар, секој граѓанин може да се понуди да спаси човечки живот дарувајќи коскена срцевина.