Дополнетиот предлог за измени на Буџетот за 2019-тата пред пратениците во второ читање

Дополнетот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година во второ читање денеска е ставен на дневен ред на 114-тата седница на Собранието.

Според предлогот на Владата, со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто. Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.

Целта на Предлог-ребалансот на Буџетот за годинава е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ).

Ревидирањето на планираните проекции на приходите е пред се резултат на намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава.
Расходната страна на Буџетот е корегирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто.

Има намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити. Капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната сметка. Каматните расходи се намалуваат за 897 милиони денари, пред сѐ заради успешното менаџирање со јавниот долг и обезбедувањето на пониски каматни стапки за сервисирање на долгот.

Се обезбедуваат средства за непречено функционирање на ново формираната Агенција за национална безбедност во износ од 99 милиони денари, обезбедување на дополнителни средства во износ од 560 милиони денари (а во првата половина на годината со реалокации се обезбедени уште 355 милиони денари) како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста африканска чума кај свињите, средства за колекторски систем за заштита на Охридското Езеро, како поддршка на напорите на централната и локалната власт за исполнување на препораките од УНЕСКО, соопшти Владата.

Измените во Буџетот за 2019 година, меѓу другото се обезбедуваат дополнителни средства во износ од 244 милиони денари за правосудниот систем, односно судството и обвинителството, со цел јакнење на финансиската состојба и решавање на прашањето поврзано со исплатата на надоместоците на вработените во овој ресор. Предвидени се и средства за поврат на дел од данокот на додадена вредност кон физичките лица во износ од 300 милиони денари.

Со ребалансот на буџетот се обезбедува мерката субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата во износ од 400 милиони денари, која има за цел да стимулира зголемување на платите на вработените во приватниот сектор преку финансиска поддршка за работодавачите кои ќе извршат зголемување на платата на вработените до 100 евра. Исто така, предвидени се дополнителни средства за набавка на лекови за ретки болести и инсулин во износ од 193 милиони денари, како и алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања. Предвиден е поголем трансфер од буџетот на Фондот за пензиско и здравствено осигурување од 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб, согласно месечните исплати за бројот на осигуреници, што во суштина го потврдува и трендот за зголемување на вработеноста, се прецизира во соопштението од Владата.

Покрај Буџетот, пратениците ќе разгледаат повеќе точки меѓу нив се и Предлог на одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во мировната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, Предлог на одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Исламската Република Авганистан и дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за воздухопловство во второ читање.

На дневен ред се и Предлог на закон за претворање на побарувањето на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Друштво за производство на производи со посебна намена 11 Октомври – Еурокомпозит АД Прилеп во второ читање и Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за развојни политики за јавни финансии и конкурентност, исто тала во второ читање.

Пред пратениците во прво читање ќе се најде и Предлог на закон за класифицирани информации.

Во Собранието денеска седници ќе одржат две собраниски комисии, за надворешна политика и Законодавно-правната и двете со една точка на дневен ред, Предлог – закон за ратификација на Конвенцијата за намалување на бездржавјанство.