Дополнителни ограничувања за движењето на лица до 18 и од 67 години

Од денеска движењето на младите до 18 години се забранува од 21 до 12 часот, а на постарите од 67 години од 11:00 до 05:00 часот следниот ден, одлучи Владата на синоќешната седница.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски во гостување на ТВ 24, појасни дејка тоа значи дека младите до 18 години ќе можат да се движат од 12:00 часот напладне до 21 часот, а возрасните над 67 години од 5:00 до 11:00 часот претпладне. .

Тоа е направено за да не се поклопуваат овие две возрасни групи, младите како преносители на коронавирусот, а повозрасните како најризична категорија граѓани, истакна премиерот Спасовски.

Спасовски информира и дека полицискиот час за сите се поместува од 21:00 часот до 05:00 часот наместо до 6:00 часот, заради гужвите што се создадоа во јавниот превоз и заради потребата на граѓаните да стигнат на работните места во утринските часови..

Спасовски не исклучува и дополнителни рестриктивни мерки зависно од тоа какви ќе бидат проценките за развојот на настаните и колку граѓаните ќе бидат дисциплинирани во применувањето на досега донесените.

Апелира до сите да ги почитуваат воведените мерки и да останат дома, со цел да се запре ширењето на коронавирусот.

Денеска на седница на Кризниот штаб најави дека ќе биде разгледана и можноста за целосно укинување на јавниот превоз.

Владата синоќа донесе и Уредба преку која граѓаните кои пристигнуваат на граничните премини за влез во земјава ќе бидат транспортирани до државните карантини секој ден во 10 часот и во 20 часот.
Од Владата апелираат до граѓаните кои мораат да допатуваат во земјава да ги планираат своите пристигнувања на граничните премини непосредно пред посочените термини со цел да не се создава гужва и чекање.