Дополнително затегнување на американско-кинеските односи поради коронавирусот

И онака тензичните односи меѓу САД и Кина дополнително се влошуваат со појавата на новиот коронавирус, пишуваат американските медиуми.

Односите посебно се затегнаа по вчерашната најава на Кина за протерување одреден број американски новинари.

По појавата на новиот коронавирус, Трамп и неговите најблиски соработници, меѓу кои и државниот секретар Мајк Помпео сè почесто упатувајќи критики до Кина и нарекувајќи го новиот вирус „кинески“ или „вирус од Вухан“. Од друга страна, Кина реагира на називот „кинески вирус“, појаснувајќи дека потеклото на вирусот се уште не е утврдено. Во вторникот, Трамп, во најмалку два наврати, зборуваше за Кина како извор на зараза, негирајќи дека во тоа постои каков било обид за стигматизација. Сепак, на прес конференција, Помпео шест пати го нарече „вирусот од Вухан“ и рече дека Кина се обидува да го одвлече вниманието на светската јавност од несоодветниот првичен одговор на појавата на вирусот.

– Кинезите направија одредени огромни грешки во првите шест или седум седмици, а потоа наметнаа карантин од џиновски размери, изјави Стивен Морисон, директор на Центарот за глобална здравствена политика во рамки на Центарот за стратешки и меѓународни студии.

– Сега инсистираат на тезата дека со тоа е остварен голем успех и ги потиснуваат евентуалните различни мислења за тоа што всушност се случува, изјави Морисон.

Помпео, кој претходно поведе глобална кампања за да спречи други земји да и дозволат на кинеската технолошка компанија Хуавеј да пристапи до безжичните мрежи од следната генерација, вчера зборуваше за „посебна одговорност“ која, според него, Кина избегнала откако открила дека вирусот се појавил во Вухан.

– Знаеме дека кинеската Влада беше првата Влада која стана свесна за тоа дека постои вирус од Вухан, рече Помпео, оценувајќи дека Кина веднаш требала да објави за појавата на вирусот.

На американските обвинувања, Кина одговори дека е можно вирусот да го донеле американски војници.

– Некои американски политичари неодамна, новиот коронавирус, го доведоа во врска со Кина, со цел да ја стигматизираат. Изразуваме голема индигнација и противење, изјави вчера портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Генг Шуанг.

– Ја повикуваме САД веднаш да ги исправи своите грешки и да запрат со неоснованите обвиненија на сметка на Кина, порача тој.

Сето тоа предизвика незадоволство во САД, па кинескиот амбасадор во таа земја беше повикан на разговор во Стејт департментот, а Помпео во телефонски разговор со неговиот кинески колега го изрази гневот на Вашингтон.

Тврдењата на Пекинг дека вирусот во Вухан го донеле американски војници Трамп го нарече „невистина“, инсистирајќи дека називите кои го потенцираат кинеското потекло на вирусот се оправдани.

Кинеското МНР одговори со најава за протерување на новинари од Њујорк Тајмс, Волстрит џурнал и Вашингтон Пост како реципрочна мерка на тоа што администрацијата на Трамп означи пет кинески медиуми како странски мисии и го ограничи бројот на кинески државјани кои можат таму да работат.