Досега не сме виделе болест кај која крвта може да е толку згрутчена што не тече низ игла, изјави Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче во вчерашното гостување во Клик Плус на ТВ 21 истакна дека кај пациентите со Ковид-19 крвта може толку да е згручтена што не може да тече низ игла.

-Од друга болест не сме виделе случај крвта да не може да тече низ иглата заради тоа што е толку згрутчена. Тоа во медицината досега е невидено, рече Филипче.

Тој се надоврза на изјавата на д-р Дејан Докиќ, пулмоалерголог кој во емисијата изјави дека вирусот е доста подмолен.

-Секој кој доаѓа до болница, треба да се смета како ризичен, затоа што во принцип имаат ниска сатурација на крв. Тие веднаш мора да се стават на висок проток на кислород. Доколку сатурацијата и натаму паѓа, мора да се стават на неинвазивна вентилација. И тие главно имаат проблеми со респираторниот систем. Друга, пак, група, имаа проблеми со коагулацијата. Настанува коагулација на крвта, оштетување на капиларите насекаде во организмот, пред сè на белите дробови, во срцето. Некои добиваат миокардни инфаркти во мозокот или белодробна емболија. Но, она најстрашното е дисеминирана интраваскуларна коагулација, каде што сите крвни садови се зафатени со коагулими и не може да тече крвта. Кај некои настанува крвавење и завршуваат летално, објасни проф. д-р Докиќ.