Досега се вакцинирани 784.244 граѓани – трета доза примиле 69 граѓани

Охрид и Кавадарци се градовите со најголем опфат на вакцинирани лица против Ковид-19, со првата доза, а најмала заинтересираност, пак, има во Струмица, Гостивар и Радовиш. Досега во државата аплицирани се 1.505.469 вакцини, а надлежните уверуваат дека вакцини има доволно и истите се достапни за сите што сакаат да се вакцинираат.

Согласно последните податоци, на вакциналните пунктови во државата и на терен вакцинирани се вкупно 784.244 граѓани, а ревакцинирани 721.156. Трета доза вакцина досега примиле 69 граѓани.

Последната статистика укажува дека со една доза се вакцинирале 55 отсто од лицата над 40 годишна возраст.

До 26 септември, пак, со една доза вакцинирани се 46,9 отсто од населението над 18 годишна возраст.

Во моментов во Охрид и Кавадарци има најмногу вакцинирани.

Во Охрид со прва доза се вакцинирале 63,9 отсто од граѓаните, во Кавадарци 64,3 отсто, во Гевгелија 61,4 отсто, а во Неготино 65,1 отсто.

Како што информираат од ресорното Министерство, помеѓу 50 до 60 отсто опфат на вакцинирано население со прва доза има во градовите Битола, Демир Хисар, Ресен, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Валандово, Штип и Пробиштип.

Во Кичево, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Струга, Македонски Брод, Скопје и Тетово се вакцинирале од 40 до 50 отсто од граѓаните.

Најмалку вакцинирани во моментов има во Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и Радовиш, односно помеѓу 30 до 40 отсто.

Од Министерството потсетуваат дека граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин.

-Со извршена комплетна вакцинација се заштитувате себеси и своите најблиски од компликации на болеста предизвикана од вирусот Ковид-19. Вакцините штитат од смртен исход и спречуваат натамошно ширење на вирусот, информираат од Министерството и апелираат сите кои досега не се вакцинирале, да го направат тоа во најскоро време во еден од најблиските пунктови до местото на живеење.

Како што посочуваат, само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата, соопштија од Министерството.

Што се однесува до децата од 12 до 18 годишна возраст, тие можат да се вакцинираат со согласност од родител.

Според вчерашната ковид статистика, од направени 3.512 тестирања, како позитивни се евидентирани 467 лица.

Од новите случаи, најмногу повторно има во главниот град, каде се регистрирани дури 245 новозаболени, потоа во Куманово – 47, и во Прилеп – 27.

Досега во земјата се направени вкупно 1.282.666 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 190.463. Оздравени се вкупно 171.871 пациенти, а починале 6.630 лица.