Досие „Рекет“ – Власта пука по сите рабови

„Рекет“ тече. Истрагата се менува. Чуда се случија досега. Но, како што се развива приказната, се множат оние партиски другари и соработници на Зоран Заев, кои гледаат на секаков можен начин да се дистанцираат, да се оградат, и што би се рекло народски – „да фатат фитиљ“.

Најмалку споменуван во „Рекет“, речиси ич, беше министерот за надворешни работи Никола Димитров. Ама, па човекот очигледно не сака да не е ин. Си седнал и си напишал статус на „Фејсбук“ за „Рекет“. Мора да го има у филмот. Ама, ем да биде во приказната, ем со напомена дека и тој „фаќа фитиљ“.

Димитров повикува на борба против криминалот, повикува на спроведување на правдата, повикува на „целосно и одлучно расчистување со сите валканици што излегоа на виделина, кон кого и да водат“. Па господине министер, Бојан Јовановски алијас Боки 13, во еден од снимените разговори јасно кажа кон кого водат. Кон Зоран Заев водат. Димитров повика на правно расчистување и со оние кои имале средби со осомничениот Боки Тредичи, кои потпишувале меморандуми со него и објавувале заеднички фотографии. И во оваа категорија е Зоран Заев. Но, има и други кои рака на срце, му се блиски на Димитров, негови соборци од скопските улици во времето на „Шарената“. Сега тој бега и од нив. Од сите. Од Заев, па надолу. Ги пушта низ вода. Крева раце. Нешто слично, како и неговиот некогашен колега од времето на претседателствувањето на Борис Трајковски со Македонија, Стево Пендаровски. Само што Пендаровски го претекна. Прв си кажа.

А, кого повикува да спроведува правда? Не верувам дека не му е и нему јасно оти со „Рекет“ е длабоко дискредитиран и правосудниот систем во земјава.

„’Рекет’ всушност е раскрсница. Едниот пат води кон иднина, другиот пат кон бездна. Можеби дојде време да се преброиме“, напиша Димитров.

Многу прецизно и многу точно напишано. Само што останува отворено прашањето, кој бре тоа ќе се пребројува?

Кристално јасно е дека од двата правци на раскрсницата „Рекет“, оној кој води кон иднината, повеќе нема да може да се оди со оваа власт и со СДСМ на чело. Тоа е незамисливо, дури и со цела гарнитура нови фаци. А, Димитров е дел од оваа власт на чело со СДСМ. Значи мора да му е јасно дека на тој пат, кон иднината, тој неможе да биде во оние кои ќе водат, бидејќи се целосно дискредитирани со случајот „Рекет“. Од Зоран Заев, преку сите негови министри, па надолу. Нема повеќе што да бараат. Завршена е нивната политичка приказна. Други ќе водат. Поспособни. Ако незнае кои се тие, тогаш нека го искористи своето „правилно претчуство“.

Попусто е дистанцирањето и оградувањето од „Рекет“. Без разлика дали знаел, или не. Ако бил искористен, да го промовираа СЈО и да пропагира политичка идеја, а сега се чувствува измамен, тогаш јавно нека си каже дека е „извозен“ и нека си поднесе оставка, или ќе си остане помислата дека знаел се’, цело време, а премолчувал.

И премолчувањето на кривично дело, е кривично дело.

„ПС. Да бидеме начисто, бидејќи има премногу ’сите’: јас ниту сум имал средба, ниту фотографија, а уште помалку меморандум со Боки 13. Ова се разбира само по себе не е ни за фалење де, освен што изгледа сум имал правилно претчувство што пропуштам“, напиша Димитров.

Човекот се обидува да се извлече од категоријата „сите“ во „Рекет“, со фразата „правилно претчуство“. А, во политиката нема претчуства, ниту правилни, ниту неправилни. Туку има информација.

Дали Димитров имал информација, која сега сака на јавноста да и’ ја претстави како претчуство, и ја премолчувал?

Автор: Дејан Николовски