Достапни финансии за развој на бизниси на жените

202

Жените претпримачи да ги искористат можностите за зголемување на продуктивноста, конкурентноста и квалитетот на фирмите со финансии преку тековната Програма за зголемување на пазарната вработливост (IME) на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), порачaa во средата од Сојузот на стопански комори (ССК) кои имаат соработка со носителите на програмата за нејзина успешна реалзиација.

На фирмите може да им бидат одобрени средства за изработка на бизнис план, апликација за конкретен финансиски инструмент, за развој и за инвестициски план.

„Од сите претпријатија во Македонија 30 отсто се во сопственост на жени, но 99 отсто од нив се микро или мали претпријатија. Тоа покажува дека голем дел од овие компании не го искористиле својот потенцијал за раст и развој“, рече на прес-конференцијата Жаклина Гештаковска Алексовска, експерт за родови прашања во рамки на програмата IME.

На првиот повик за програмата четири компании членки на ССК раководени од жени добиле поддршка за финансирање на процесот за подготовка за аплицирање за различни производи и услуги наменети за бизнис-секторот и се стекнале со потребните информации и експертиза за добивање средства од достапните фондови.

„На компаниите им овозможивме консултантска поддршка за да можат да го планираат својот развој, да аплицираат на некоја од програмите за поддршка на бизнисите, некои од нив да почнат производство, некои да го развијат на нови пазари и тоа ќе продолжиме да го правиме и натаму“, додаде Гештаковска Алексовска.

Услугите што им биле понудени на фирмите, посочи, имаат резултати, односно седум ја зголемиле продажбата, а четири имаат подобар пристап до финансии.

Според извршниот директор на ССК, Александар Зарков, компаниите имаат потреба од стручна експретиза со цел поголемо искористување на достапните средтсва.

Нашиот фокус во следниот пероод ќе биде насочен кон презентација на сите достапни програми за финансиска поддршка за натамошна успешна апликација и добивање средства за осовременување и развој на што поголем број компании“, рече Зарков.

Меѓу корисниците на консултантските услуги преку оваа програма е фирмата „Медиа солушнс“, од каде апелираат жените претприемачки да ги искористат понудените можности. Со бизнис планот што го подготвиле планираат да изработуваат дигитална маркетинг стратегија за фирмите и пилот промотивна кампања со делумно покриени трошиоци.

 

„ На тој начин ќе можат да ги испробаат интернет каналите за нивна промоција, да го развијат бизнисот и да ја подобрат продажбата“, рече Смилка Јанеска Саркањац од „Медиа солушнс“.

Целта на IME програмата  е зајакнување на бизнис секторот во Македонија, подобрување на квалитетот на производите и услугите коишто ги нуди,  проширување на пазарите и создавање поволна средина во туризмот, креативните индустрии и зелена (еколошка) економија.

За програмата, што е со период на реализација април 2015 април 2019, се одвоени 6,25 милиони швајцарски франци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.