Доставени мерки до градинките за превенција од жолтица

Министерството за труд и социјална политика ги достави мерките за превенција од жолтица утврдени од Комисијата за заразни болести до детските градинки.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов истакна дека доставени се комплетни насоки за постапување на раководствата на градинките со цел да не се дозволи ширење на ваквите заразни болести.

Градинките ќе треба да направат дезинфекција, дератизација и дезинсекција на просториите, опремата и дидактичкиот материјал со кои располагаат установите, односно градинките.

Комисијата за спречување на заразни болести, како што потенцираше Спасов, препорачува темелно миење на рацете задолжително пред секое јадење и по секое одење во тоалет, миењето на раце треба да биде со течен сапун или со сопствен сапун.

Храната веднаш да се користи по подготвувањето и доколку не може да се употреби веднаш, да се чува на температура од 2 до 8 степени во фрижидер и при повторна употреба да се загрее на температура над 70 степени. Да не се консумира сурова и недоволно термички обработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко и млечни производи и јајца. Суровата и подготвената храна да се чуваат во фрижидер одделно во посебни заштитени садови за да се избегне можност за загадување на веќе подготвената храна. Да не се остава подготвената храна на собна температура, односно да се става подготвената храна веднаш во фрижидер по подготвувањето. Подготвената храна се препорачува во фрижидер да се чува максимум три дена и да не се подгрева повеќе од еднаш.

Овошјето и салатите потребно е темелно да се измијат со силен млаз вода. Да се консумира безбедна вода за пиење, а доколку не се сигурни во нејзиниот квалитет потребно е водата да проврие.

Заразната жолтица е заболување кое се пренесува по фекално-орален пат, односно вирусот од болно лице се исфрла преку фецес, најчесто со нечисти раце при внесување храна или вода. Вообичаените контакти меѓу луѓето не придонесуваат за ширење на болеста.

До вчера од заразна жолтица во Скопје заболеа 66 лица, а во Штип 26.