Доверители и фирма ќерка побараа стечај за Топлификација АД Скопје

Во Основниот суд Скопје 2 Скопје одржано е рочиште по однос на поведена постапка за стечај на Топлификација АД заради неплатен долг кон доверителот Битар Холдингс Лимитед. До закажаното рочиште за разгледување на условите за отварање на стечај, Топлификација АД не успеа да го намири овој долг.
Дополнително, на рочиштето било утврдено дека во меѓувреме доставени се и нови барања за стечај на Топлификација АД од поголема група доверители помеѓу кои и „Топлификација – одржување“, компанија-ќерка на „Топлификација“ АД Скопје.

Со тоа вкупните побарувања на подносителите на стечај на Топлификација АД надминаа 1,5 милиони евра.
Следното рочиште за разгледување на условите за отварање на стечај на Топлифиакција АД судот го закажа за 06.09.2018 година.
Инаку, неодамна Судот, постапувајќи по тужбеното барање за наплата на побарување во висина од 1,3 милиони евра од компанијата Битер Холдингс Лимитед, отвори претходна постапка за утврдување на условите за стечај над „Топлификација“ АД Скопје. Беше назначен и привремен стечаен управник кој Судот го задолжи да го заштити имотот на „Топлфикација“ АД до донесувањето на конечната одлука за стечај, за да се избегне значително намалување на имотот, како и да се утврди начинот на кој може да се обештетат доверителите.