Довициозо по 11 години му донесе победа на „Дукати“ во Мизано

Италијанецот Андреа Довициозо ја освои  Големата награда на Сан Марино во Мото ГП шампионатот на патеката „Марко Симончели“ во Мизано. Победата на Италијанецот беше на огромна радост за домашната публика, бидејќи беше остварена со мотор на Дукати, кој триумфираше на домашен терен по 11 години.

Иако стартуваше како четврти Довициозо по шест круга го презема водството од клупскиот колега Хорхе Лоренцо, кој вчера во квалификациите постави нов рекорд на патеката. Италијанецот извозе без грешка и константно ја зголемуваше предноста, а во прилог му одеше и тоа што зад него Лоренцо и Марк Маркез водеа жестока битка за второто место. На два круга пред крајот Лоренцо прв попушти, ја загуби контролата врз моторот и заврши крај патеката. Со тоа му овозможи на Марк Маркез на ресол Хонда да заврши како втор, а Кал Крачлоу на ЛЦД Хонда да се искачи на последното место на пиедесталот. Зад нив низ целта минаа Ринс, Вињалес, Педроса, Роси, Јаноне, Баутиста и Зарко.

 

За Довициозо ова беше трета сезонска победа по трките во Катар и Чешка. Во генералниот пласман Марк Маркез и натаму е во водство со 221 поен, додека Довициозо е втор со 154 бодови, а трет е Валентино Роси со 151 бод.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.