Дозвола да мразиш

767

Просто не можам да верувам со каква посветеност, која понекогаш се граничи со верски фанатизам, се брани македонското општество од говорот на омраза. До кој степен е компромитирана слободата на говор и изразување кај нас е повикот до граѓаните да пријават говор на омраза. Макартизам во обланда на човекови права. Модерен лов на вештерки. Како во стариот добар комунизам кој низ вакви и слични параноични изблици на либерализам ја враќаше идејата за говор и изразување во корист на општество.

Крајот на осумдесетите расчистивме со вербалниот деликт во социјализамот, со кој се казнуваше за злонамерно и невистинито прикажување на општествено политичките состојби во државата (чл.133 од КЗ а СФРЈ), што сега ни го враќаат „нововерците“ низ говорот на омраза. Како чувари на вистината комунистите можеа да  си го дозволат луксузот да го криминализираат говорот што отстапуваше од таа вистина, но во демократијата контраверзните прашања не може да се разрешат со политички декрет или закана со  суд и затвор. Зашто би се загрозила есенцијата на демократскиот дијалог во општеството. Што никој не го посакува. Којзнае.

Цената што ја плаќаме да живееме во слободно општество понекогаш бара да се соочиме со мислења, ставови за кои сметаме дека се загрозувачки, навредливи и етички неприфатливи. Најефикасен начин да ги предизвикате навредливите и нетолерантни мислења, е мирна, разумна дебата за отфрлање на незнаењето и предрасудите што се позади нив, но никако со забрани и цензури. Мора да прифатиме дека слободата на говор и изразување опфаќа дури и она што е навредливо или шокантно, а ограничувањата, колку и да се добронамерни и оправдани се ризична алатка за демократијата.

До каде оди слепото подаништво во некогашната држава Република Македонија?. Оние најгласните во потребата да се криминализира говорот на омраза ги споделуваат болните историски трауми на фашизмот и левичарскиот екстремизам во Европа. Што за волја на вистината не било никогаш наша реалност. Стравот од  возобновувањето на фашизмот ја моделира европската  слободна говорна доктрина на начин што идејата за слободата на говорот е важна, но не е и апсолутна, при што се бара да се балансира со другите важни вредности, како што е човечкото достоинство. Само како пример за тоа каков е балансот во Европа по ова прашање: негирањето на холокаустот ќе се гони во Германија и Франција, но не и објавувањето на навредливи карикатури на пророкот Мухамед, каде западно европските држави во голема мера застанаа во одбрана на слободното изразување, по цена на сигнализирање на ранливото малцинство дека мора да го толерира она што го гледа како омраза, дискриминација и говор на омраза. Исто така, западно европските држави застанаа на страната на заштита на ранливите малцинства како што се хомосексуалците од штетен говор, по цена на сигнализација до верските конзервативци дека нивните ставови и погледи не се добредојдени во јавната дебата по ова прашање. Ова се тие стандарди во контекст на говорот на омраза за кои американците ќе кажат дека се неприцинпициелни и неефикасни зашто го одразуваат мислењето на мнозинството и националното искуство, и не се неутрален принцип.

Ако внимателно ги анализирате „хистерично гласните“ во потребата да се гони говорот на омраза ќе заклучите дека тоа се квази либералите и левичарите, кои често со чесен мотив за справување со предрасудите, се обидуваат низ говорот на омраза да постават ограничувања на она што може јавно да се каже за прашања како што се расата и сексуалноста. Овој лајт авторитаризам генерира страв кај обичниот граѓанин да се изложи на ризик да зборува слободно за прашања поврзани со идеологијата на еднаквоста, мултикултурализмот, феминизмот, хомосексуалноста, глорификација на различностите и слично.

Затоа, оние што повикуваат на осуда и криминализирање на говорот на омраза, пред да западнат во „креативен“ транс, како оној пријави говор на омраза, треба да одговорат на повеќе прашања: Кога станува збор за цензура и забрани, од каде започнувате и каде престанувате? Дали почнувате од говорот на омраза, а продолжувате со забрани и цензура? Кој одлучува што е говор на омраза и кој говор е доволно навредувачки и офанзивен за да биде протолкуван како таков за да биде криминализиран? Особено, ако се знае дека не постои универзално прифатена дефиниција за говорот на омраза. Во кој момент ја исцртувате линијата меѓу слободата и забраната да се зборува слободно? Зарем ова не е неизбежно субјективен суд? Дали добронамерната желба за заштита на ранливите заедници не се прелева во опасната територија на давање на некои заедници привилегирана заштита и имунитет од критики?

За човек што го осетил и живеел слободарскиот дух на универзитетот во Беркли, САД, нормално дека ќе бидам наклонет кон американската доктрина на слободата на говор и изразување, каде дури и говорот што потекнува од раса, етничка припадност, пол, религија, возраст, инвалидитет или било која друга слична основа,  а кој е говор на омраза, заштитен е зашто низ него се штити слободата да ја изрази “мислата што ја мразиме”. Првиот амандман на Уставот на САД го штити говорот без оглед колку е навредлива неговата содржина. Американската доктрина оди толку далеку што смета дека е вредно само по себе за едно општество да толерира дури и најекстремни ставови. Зашто лошите идеи на крајот ќе изгубат на пазарот на идеи што добро функционира. Американците веруваат дека слободата на говорот бара од владата строго да ја заштити жестоката дебата за прашања од јавен интерес, дури и кога таквата дебата е со невкусен, навредлив или омразен говор што ги тера другите да чувствуваат тага, бес или страв. Сепак, не е исклучена можноста говорот на омраза да биде криминализиран, но само доколку директно поттикнува неминовна криминална активност или се состои од специфични закани за насилство насочени против лице или група.

Дефинитивно премногу слобода контаминира. Кој може да ја издржи. Можам да ја замислам каква би била хистеријата на нашите возобновувачи на вербалниот деликт доколку имаме настан како оној од 1977 година, кога Врховниот суд во САД дозволил и го заштитил правото на неонацистите и другите бели супрематисти да маршираат низ  еврејските делови на  Шарлотсвил. Дефинитивно би поапсиле пола држава.

Верувам дека силата и опстанокот на слободното општество и напредувањето на човечкото знаење зависат од слободната размена на идеи. Реално сите идеи се способни да се навредуваат. Затоа сум за слободниот говор без оглед дали е злонамерен, дали навредува, исмева или клевети. Не велам дека ми се допаѓа. Но знам дека слободата на говор не е права слобода ако не го вклучува и оној говор кој предизвикува згрозување и морална осуда на многумина, па ако сакате и на мнозинството во општеството. Сепак, тоа е демократијата. Кој како ја разбира.

И за крај само како потсетување за запалените некритички поборници на сатанизирање на оние што говорат она што нив ги згрозува и им ја погани моралната чистота. По европски. Малку иронично звучи дека казнувањето на говорот на омраза има своја предисторија и влече корени од левиот тоталитаризам. Имено, во  расправите при подготовката на Универзалната декларација за човекови права во 1945, Советскиот Сојуз и другите комунистички држави барале да се внесе забрана и казнување на говорот на омраза. Нормално западните држави жестоко ја бранеле слободата на говор и биле против ваквиот предлог. Сликата на Европа денес е малку поинаква. Малку повеќе тоталитарна. Како што е свеста на оние што повикуваат на линч на оние што говорат слободно.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.