ДПД Волонтер: Жените се симбол на сила, мотивација и херојство и во најлошите ситуации на терен

Родне Деолска и Марија Митевска се првите женски доброволци во Делчево кои облекоа пожарникарска униформа и ги срушија стереотипите дека пожарникарството е исклучиво машка професија. Како членки на неодамна формираното Доброволното противпожарно друштво пријатно се изненадени од позитивните коментари, за тоа како ги прифатила околината, потенцирајќи дека без разлика дали се работи за мажи или жени, за да има успех потребна е добра координација од двете страни.

„Пријатно сме изненадени од коментарите кои ги добиваме и како не прифати околината. За тоа дека пожарникарството е машка професија мислам дека е генерално мислење не само во помали средини. Ако ги тргнеме настрана стереотипите и зборуваме за сила и храброст тука нема правила и нема пол. Во нашето друштво секој си го има местото за кое е најдобар, некој е добар организатор, друг е логистика, трет е задолжен за посложените активности на терен и сл. Кога сите ќе се искоординираат тогаш работата е професионално завршена. Ги охрабруваме сите жени и девојки кои сакаат да се придружат и да го дадат својот придонес во ДПД Волонтер да станат членки“, велат делчевските пожарникарки.

Новите предизвици за нив како девојки се составен дел од работата како доброволци во делчевското Доброволно противпожарно друштво „Волонтер“, кое како што кажаа е исправено пред сериозни предизвици зад кои стојат упорни и мотивирани млади лица.

„Ние сѐ уште сме во процес на обезбедување доволно опрема за сите членови, исто така напорно работиме и за обезбедување соодветно возило, опрема и алат за терен. За среќа во пресрет ни излегуваат Територијалната противпожарна единица Делчево и целиот тим пожарникари, Општина Делчево кои ни обезбедија просторија, локални компании и индивидуалци за промотивни материјали. Среќни сме што нашите заложби се препознатливи во заедницата и сите се трудат да помогнат на некаков начин. Тоа многу ни значи. За нас како жени волонтерки, засега сме три, најголем предизвик ни е теренската работа за која периодов ќе почнеме интензивно да се обучуваме. Ние минатата година веќе имавме основни обуки, но сега одиме чекор понапред до сериозни подготовки и симулации на пожари на терен“, додаваат Деолска и Митевска.

Околу нивниот мотив да станат волонтери-пожарникари велат дека пресудно било слабата анмираност кај јавноста за значењето на оваа професија заради што сметаат дека треба да се поработи на подигање на свеста кај населението.

“Со оглед на тоа што сите сме од различни професии кои немаат никаква врска со било каква ризична или физичка работа мотивот доаѓа пред се од желбата да се биде корисен за заедницата, да се даде придонес за нешто што значи безбедност и здравје на граѓаните, бидејќи да се волонтира според нас е многу благотворно. Сите можеме да го дадеме својот придонес во било која област, ние сме се одлучиле за волонтирање во ова друштво од лични побуди бидејќи сакаме да си ја зачуваме животната средина, да ја подигнеме јавната свест кај останатите и да помогнеме кога за жал се случуваат непогоди и катастрофи“, додадоа делчевските волонтерки.

Изненадувањето кое за време на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, 8 март кое им го приредија колегите, велат дека многу им значи исто како и нивната поддршка околу сите активности во друштвото

„Да, баш бевме изненадени за ова внимание и секако дека многу ни значи исто како што ни значи и поддршката од машките членови за секоја наша активност во друштвото. Жените и во оваа професија и во најлошите сценарија на терен носат сила, мотивација и херојство и тоа не смее да се потценува“, додадоа младите делчевки.

Нивното членството како што додадоа полека расте, но се уште имаат потреба од нови членови, потенцирајќи дека секој кој има мотив и желба може да стане дел од друштвото.

„До неодамна имавме отворен повик за нови членови, но секој може во било кое време да дојде и да стане член бидејќи потреба секогаш ќе има. Јавноста се повеќе има интерес за нас и нашата работа па затоа мислам дека ќе има интерес и за нови членови. Волонтер во нашето друштво може да биде секој кој има желба и мотив, но и се чувствува способен да одговори на задачите на терен кои не се нималку лесни. Од нашето волонтирање може да пренесеме убави коментари, исполнети сме што помагаме, среќни сме што правиме нешто за нашата заедница и се тоа го пренесуваме на новите генерации. Сето тоа го исполнува човекот и го издигнува на повисоко ниво. Секој може да придонесе и да го направи живеењето поубаво дури и во малечките градови како Делчево“, подвлекоа за крај првите женски доброволци пожарникари.

Доброволното противпожарно друштво „Волонтер“ наскоро ќе наврши една година постоење, а оттаму апелираа на поголема поддршка од бизнис секторот се со цел подобра опременост на самото друштво.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.