Драчевец крвнички претепал сограѓанин со безбол палка

Жител на скопската населба Драчево со безбол палка крвнички претепал свој сограѓанин, го оставил облеан во крв и побегнал, вчера попладне на улица во населбата, информира МВР.

Претепаниот случајот го пријавил во полициска станица вчеравечер околу триесетина минути по полноќ.

Во полициската информација се вели дека триесет и двегодишниот Т.В. пријавил дека вчерапопладне додека го испраќал својот другар Е.Х., на автобуската постојка на улицата Иван Хаџиниколов, во близина на зелениот пазар во Драчево, до нив застанало возило од кое излегол Н.Ѓ., држејќи бејзбол палка во рацете.

Откако почнал расправија со пријавителот Т.В., го удрил со тупаница. По ова нападнатиот Т.В. се исплашил и почнал да бега, но Н.Ѓ. го стигнал и со безбол палката го удрил на задниот дел од главата при што му нанел повреда од која почнал да крвари и да ја губи свеста и паднал на тротоарот. Потоа Н.Ѓ. влегол во возилото и се одалечил, се вели во информацијата на МВР.

На оштетениот му била укажана лекарска помош во амбулантата во Драчево, а потоа тој се упатил во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ за понатамошно лекување.

Полицијата информира дека презема мерки за расчистување на настанот.