Драган Николиќ назначен за државен секретар во МО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска го назначи Драган Николиќ за државен секретар во министерството.

 

Драган Николиќ е роден на 23.01.1969 година во Штип, Република Македонија. Живее во Скопје. Дипломира на Електротехничкиот факултет во Скопје во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” – Скопје со што се стекнува со називот дипломиран електротехнички инженер од областа на компјутерската техника, информатика и автоматика.

Драган Николиќ завршил Висока национална школа за државна администрација – ENA во Париз, во периодот од февруари 2004 до мај 2005 година. Поседува сертификат за завршена „e-Governance Academy” во Талин, Република Естонија на тема „ICT and ICT Management in Public Sector” и сертификат за завршена обука од областа на менаџментот на Адизес Институт, Санта Барбара, Калифорнија, САД, во периодот од јули 2005 до јули 2006 година. Поседува и сертификат од USAID Macedonia за завршена обука „Total IT Security” во периодот од октомври 2005 до март 2006 година.

Работи во Министерството за одбрана 19 години. Првото работно искуство во Министерството за одбрана го стекнува во 1998 година како систем инженер за бази на податоци, оперативни системи и мрежи во Одделението за системско инженерство во тогашниот Сектор за информатика, а потоа продолжува како В.Д. раководител на одделение за системско инженерство во истиот сектор.

Неговата кариера продолжува како помошник раководител на сектор во Секторот за К-4 (команда, контрола, комуникации и компјутери), а по таа должност, неговото работно искуство го надоградува на местото раководител на Сектор за К-4 во Министерството за одбрана. Оваа работна позиција ја добива како најмлад раководител на сектор во институцијата со свои 32 години возраст и на тоа работно место се задржува најдолго во својата кариера – шест години. Следното работно место во кариерата е државен советник за К-4 во Министерство за одбрана, а по три години на оваа позиција, поставен е на работно место раководител на одделение во Секторот за К-4. Тој е единствениот државен, односно, административен службеник во Министерството за одбрана, што во својата досегашна кариера ги има поминато сите нивоа во административната служба, почнувајќи од почетно, стручно ниво, па сè до позицијата државен советник.

Во мај 2003 година учествувал во изработка на Концепцијата за национална безбедност и одбрана на РМ, во 2006 година е раководител на групата за донесување на Стратегија за развој на глобалниот комуникациско-информациски систем на МО и АРМ, учествувал во изработка на Стратешкиот одбранбен преглед – СОП (2004-2006 година), бил член во Националниот TASK FORCE на РМ за изработка на Стратегијата за развој на информатичкото општество на РМ и акционен план (2004 и 2005 година) како и член во работна група на РМ за донесување на Национална стратегија за развој на електронските комуникации и информатички технологии во РМ.

Професионалното членство во некои организации и асоцијации е исто така дел од неговото работно искуство. Член е на Меѓународна асоцијација за електроника и комуникации во воените сили, AFCEA – (The Armed Forces Communications and Electronics Association), како и на Совет на IT експерти – Македонска Асоцијација за Информатичка технологија – МАСИТ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.