Драго Кос: Народна банка молчи за незаконската шема на седум банки

Меѓународниот експерт за организиран криминал, Драго Кос денеска го презентираше извештајот за стечајот на „Еуростандард банка“.

„Во Македонија во период од 2004 до 2020 година постои систем на незаконско финансирање на банки. Банката А дава кредит на фирма од 500.000 евра и тој кредит истиот ден оди во банката Б, па од таму се дава истиот кредит со позајмица на друга фирма, па во друга банка, а ден подоцна кредитот се враќа во банката“, вели Кос.

Кос кажа дека во системот имало седум банки, 45 компании и едно физичко лице.

„Во истиот период докажани се најмалку 103 фалсификувани потписи на договори за заем, а биле изготвени и потпишани 40 фиктивни договори за кредит и 81 фиктивни договори на заем.
Не беше возможно да се докаже надвор од разумно сомневање дали Комерцијална банка ја користела опишаната шема на незаконско позајмување за други цели, на пример за акумулирање парични средства во корист на одредени организации или поединци, но постојат изјави од одредени инволвирани лица коишто го потврдуваат овој навод“, рече Кос.

Според него, по пат на оваа шема којашто функционирала од 2004 до 2011 година, само преку две компании, Комерцијална банка заработила 5.573.602 евра во незаконски стекната добивка, додека овие две компании претрпеле штета во износ од 21.601.991 евра.

-Еуростандард банка станала дел од незаконската шема на позајмување најрано во 2011 година. Степенот којшто го достигнала шемата и се поголемиот број на банки и компании инволвирани во неа довеле до губење на контролата, особено за помалите банки, коишто само учествувале во шемата и не управувале со неа, каков што е случајот со ЕСБ, порача Кос.